Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кина ги враќа пандите како знак на добра волја во дипломатијата

Кинескиот претседател Си Џинпинг, се чини, по самитот со американскиот претседател Џо Бајден, е подготвен на сцена да ја врати тн. „мека сила“ на дипломатијата.

Напнатоста меѓу Вашингтон и Пекинг во поблиското минато значеше дека само неколку панди останаа во САД, а три ја напуштија Националната зоолошка градина „Смитсонијан“ во Вашингтон на почетокот на овој месец. На вечерата по состанокот со Бајден во Калифорнија во средата, Си изјави дека Кина може да испрати нови црно-бели суштества како „амбасадори на пријателството меѓу кинескиот и американскиот народ“. Белата куќа возврати дека би биле среќни да си ги вратат тие животни назад во својата земја.

– Ако Кина донесе одлука да врати неколку панди во Соединетите Држави, ние апсолутно би го поздравиле тоа, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби.

Кина ја користи тн. „панда дипломатија“ од 1972 година, кога првите животни биле испратени во САД како подарок, по историската посета на тогашниот претседател Ричард Никсон на далекуисточната „комунистичка“ држава.

Сепак, заладените односи од последниве години меѓу соперничките суперсили го натераа Пекинг да си земе некои од пандите назад дома. Сите три џиновски панди во „Смитсонијан“ – Меј Ксијанг и Тијан Тијан, кои пристигнаа во 2000 година и нивното тригодишно младенче Шијао Чи Џи (во превод „Мало Чудо“), беа вратени назад во Кина.

– Ми беше кажано дека на многу Американци, особено на децата, им било тешко да се збогуваат со пандите, па и отишле во Зоолошката да ги испратат, рече Си по вечерата со извршните директори од Сан Франциско во средата.

Тој и тогаш навести дека нови панди би можеле да се испратат на американскиот Запад. – Тоа може да ги продлабочи пријателските врски меѓу нашите две нации, додаде претседателот на Кина.

Другите панди коишто сега живеат во САД, т.е. во Зоолошката градина во Атланта, треба да се вратат во Кина до крајот на 2024 година.  

Зачлени се на нашиот е-билтен