Кина го зголеми извозот, но ја губи Америка: каде оди вишокот трговија

Кинескиот извоз во ноември пораснал за 5,9 проценти на годишно ниво – солиден скок над очекувањата на аналитичарите и сигнал дека втората светска економија уште има сила на глобалните пазари. Но зад тој број се крие поинаква приказна: пазарот на САД забрзано се лизга надолу, а Пекинг се потпира сè повеќе на Европа и Азија за да го одржи извозниот мотор.

Истовремено, увозот на Кина во ноември се зголемил за само 1,9 проценти на годишно ниво – побавно од прогнозите и далеку од темпото на извозот. Ова јасно покажува дека домашната побарувачка останува бледа: пазарот на домување е во продолжен пад, а потрошувачката на домаќинствата не закрепнува доволно за да го повлече увозот нагоре.

Најдраматичната промена се гледа во односите со Соединетите Американски Држави. Кинескиот извоз кон САД во ноември се намалил за 28,6 проценти на годишно ниво – осми месец по ред со двоцифрен пад – додека увозот на Кина од САД паднал за 19 проценти.И покрај неодамнешниот трговски договор меѓу двете земји, потпишан кон крајот на октомври во Јужна Кореја, бројките покажуваат дека политичкото „затоплување“ не се претворило во нов бран трговија. Напротив, се потврдува трендот на постепено раздвојување на двете најголеми економии.

Додека американскиот пазар се стеснува, Кина забрзано ги менува координатите. Извозот кон земјите од Асоцијацијата на државите од Југоисточна Азија (АСЕАН) е зголемен за 8 проценти на годишно ниво, а кон Европската Унија речиси за 15 проценти, што значително ги компензира загубите од САД. Така, Азија и Европа стануваат главни вентилатори за вишокот кинеска производствена моќ – од електроника и машини, до автомобили и „зелена“ технологија.

Ако се погледне поголемата слика, во првите 11 месеци од годинава вкупниот извоз на Кина пораснал за 5,4 проценти на годишно ниво, додека увозот се намалил за 0,6 проценти. Резултатот е рекорден трговски суфицит од 1,076 трилиони долари, што претставува раст од 21,6 проценти на годишно ниво. Кина продава многу повеќе во светот отколку што купува од него – класична слика на економија која сè уште се потпира на извозот, а не на силна внатрешна побарувачка.

Пекинг, свесен за овие дисбаланси, подоцна овој месец ќе ја одржи пленарната седница на Централната економска работна конференција, каде ќе се кројат приоритетите за 2026 година. Аналитичарите очекуваат кинеското раководство да ја задржи целта за раст од „околу 5 проценти“ и да најави нов пакет мерки за фискално и монетарно олеснување – од поагресивна поддршка за градежниот сектор, до поевтини кредити и државни инвестиции во инфраструктура и високотехнолошка индустрија.

Зачлени се на нашиот е-билтен