Амбасадорот на Европската унија во Кина, Хорхе Толедо, рече дека Кина ја игнорирала загриженоста на ЕУ за трговските прашања во последните две децении. Притоа, тој ги истакна предизвиците со кои се соочува Пекинг во својата кампања за затоплување на односите меѓу двете страни. Толедо рече дека и двата трговски партнери мора да ги решат растечките нерамнотежи во нивните односи за да ги зачуваат врските во „неизвесен и нестабилен“ свет, објави Блумберг.
Пекинг не направи доволно за да одговори на долгогодишните поплаки на ЕУ за кинескиот извоз и третманот на европските компании, додаде тој.
„Имаме впечаток, во мојот случај повеќе од 20 години преговори со кинеската влада, дека не сме сфатени сериозно кога се во прашање трговските бариери – рече Толедо на настанот во Шангај организиран по повод 50-годишнината од дипломатските односи меѓу ЕУ и Кина.
Како што истакна, нешто не е во ред и мора да се препознае и истражи како да се поправи. Кинеското Министерство за надворешни работи сè уште не одговорило на барањето на агенцијата за коментар.
Кина се обидува да ги поправи односите со ЕУ, претставувајќи се како посигурен партнер во време кога промените во трговската и одбранбената политика на американскиот претседател Доналд Трамп ги отуѓуваат сојузниците, според Блумберг.
Кинескиот претседател Си Џинпинг оваа недела испрати порака до европските лидери, барајќи од европскиот блок да застане со него против унилатерализмот. Загриженоста за кинескиот извозен суфицит најверојатно ќе биде зголемена со трговските податоци објавени денеска, кои покажаа дека испораките од втората по големина светска економија во ЕУ се зголемиле за осум отсто минатиот месец.
Со намалување на извозот во САД за 21 отсто, производителите кои бараат нови пазари веројатно дополнително ќе ги поттикнат геополитичките тензии.
„Ако сакаме нашата врска да продолжи да напредува, тоа мора да го правиме со одлучност, особено сега, за да спречиме да се подигнуваат бариери меѓу нас додека светот се чини дека се распаѓа – рече Толедо. Тој нагласи дека ЕУ и Кина мора да го балансираат тој однос. – Европската унија не може да остане безусловно отворена – особено кога другите големи пазари се затвораат кон Кина“, заклучи тој.