Пекинг ја отфрли американската иницијатива да се приклучи на трилатерални разговори за нуклеарно разоружување со Вашингтон и Москва, оценувајќи ја како „неразумна и нереална“. Портпаролот на кинеското МНР, Гуо Џиакун, објасни дека кинескиот нуклеарен арсенал не е споредлив со капацитетите на САД и Русија и дека позицијата и доктрината на Кина се суштински различни. „Нема да влеземе во трка за вооружување со ниту една земја,“ порача тој, додавајќи дека токму државите со најголеми залихи треба да ја преземат примарната одговорност за разоружување.
Одбивањето следи по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, дадени по средбата со јужнокорејскиот претседател Ли Џае Мјунг, дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за контрола на нуклеарното вооружување и дека сака Кина да се приклучи на процесот. „Денуклеаризацијата е многу важна,“ рече Трамп, предупредувајќи дека „моќта на нуклеарното вооружување станува преголема“ и дека ширењето мора да се спречи.
Во поширокиот регионален контекст, Малезија неодамна најави дека Пекинг е подготвен да го потпише договорот за забрана на нуклеарно оружје во Југоисточна Азија веднаш штом документацијата биде финализирана — сигнал дека Кина паралелно ја гради својата слика како фактор за стабилност во сопствениот соседен двор, но без да прифати рамки што ги изедначуваат нејзините капацитети со оние на најголемите нуклеарни сили.
Кинеската поента е јасна: нема симетрија во арсеналите и нема основа за трилатерален формат каков што предлага Вашингтон. Американското инсистирање на трипартитни преговори останува цел на претседателската агенда, но без согласност од Пекинг фокусот повторно се враќа на билатералната логика меѓу двете најголеми нуклеарни сили, додека Азија внимателно ги чита сигналите од трите престолнини.