Кина покрена масовни воени маневри околу Тајван, растат тензиите со САД

Кина започна големи воени вежби во морскиот и воздушниот простор околу Тајван, јавија денеска кинеските државни медиуми, повикувајќи се на соопштение на Народноослободителната војска.

Вежбите, кои се одржуваат под кодното име „Мисија Правда 2025“, опфаќаат широк појас околу островот Тајван и претставуваат први воени маневри од ваков обем во регионот од април минатата година.

Според кинеската новинска агенција Синхуа, фокусот на вежбите е ставен на борбена подготвеност, воспоставување целосна контрола во регионот и симулации на блокада на клучни пристаништа и стратешки точки.

Портпаролот на кинеската војска, Ши Ји, изјави дека маневрите се јасно предупредување до, како што рече, „сепаратистичките сили за независност на Тајван“, како и до странските фактори кои се мешаат во внатрешните работи на Кина. Според него, вежбите се легитимна и неопходна мерка за заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.

Во посебно соопштение, кинеската армија најави и вежби со боево гаѓање во пет зони околу Тајван, кои ќе започнат од вторник. На цивилните бродови и авиони им беше препорачано да ги избегнуваат овие области за време на маневрите.

Новата ескалација доаѓа во период на зголемени тензии меѓу Пекинг и Вашингтон, откако САД неодамна објавија рекорден пакет воена помош за Тајван во вредност од 11,1 милијарда долари.

Кинеските воени бродови и авиони речиси секојдневно спроведуваат активности во близина на Тајван. Пекинг го смета островот за дел од својата територија и не ја исклучува можноста за употреба на сила за негово повторно обединување.

Тајванските власти остро реагираа на најновите воени активности. Портпаролката на претседателскиот кабинет, Карен Куо, изјави дека потезите на Кина сериозно ја загрозуваат безбедноста и стабилноста во Тајванскиот Теснец и Индо-пацифичкиот регион, како и дека претставуваат директен предизвик за меѓународниот поредок.

Таа додаде дека тајванските вооружени сили се во состојба на засилена подготвеност и внимателно ги следат сите случувања на терен.

Зачлени се на нашиот е-билтен