Кина ја обвини американската војска за кршење на меѓународното право и продолжување на моделот на „опасни провокации“ во Источна Азија, откако американски разурнувач завчера за прв пат во 2024 година помина низ Тајванскиот теснец.
Кинеското Министерство за одбрана соопшти дека Вашингтон предизвикува опасност поради воените активности во регионот, нагласувајќи дека е потребна промена во однесувањето за да се избегнат инциденти на море и во воздух, пренесе кинеска новинска агенција.
„Главната причина за безбедносните и поморските спорови меѓу Кина и САД лежи во американското воено малтретирање и провокации на прагот на Кина, како и пролонгираните, екстензивни и чести активности на море и во воздух во областите околу Кина“, рече портпаролот на кинеското Министерство за одбрана, Ву Чиан.
Тој додаде дека САД треба да престанат да го кршат меѓународното право, да престанат со опасните провокации и да ја дисциплинираат својата армија на терен.
Разурнувачот „УСС Џон Фин“ завчера помина низ теснецот што го дели регионот на Тајван од континентална Кина, а портпаролката на седмата флота на американската морнарица Меган Грин рече дека минувањето на „УСС Џон Фин“ низ теснецот е „во согласност со меѓународното право“, објави Си-Ен-Ен.