Кинеската економија забавува – најнизок раст во последните 12 месеци

Кинеската економија во третиот квартал од 2025 година забележа раст од 4,8% во споредба со истиот период лани – што претставува најбавен економски раст во изминатата година, иако резултатот е во согласност со очекувањата на аналитичарите. Главен фактор за забавувањето е континуираниот пад на пазарот на недвижности.

Според официјалните податоци, инвестициите во основни средства – кои ги опфаќаат недвижностите, инфраструктурата и производството – се намалиле за 0,5% во првите девет месеци од годината. Аналитичарите на „Ројтерс“ предвидуваа благ раст од 0,1%.

Инвестициите во недвижности продолжуваат да опаѓаат, со пад од 13,9% до септември, што е влошување во однос на 12,9% падот забележан до август.

„Овој пад е редок и загрижувачки сигнал“, изјави Живеи Жанг, главен економист во Pinpoint Asset Management, предупредувајќи дека растот на БДП во последниот квартал од годината ќе биде под зголемен притисок.

Последен ваков пад на инвестициите е забележан во 2020 година, за време на пандемијата, покажуваат податоците на Wind Information.

Економистот Брус Панг од CUHK Business School смета дека слабоста во секторот на недвижности може да трае подолго од очекуваното и дека „Кина треба да најде начини за насочување на инвестиции во други индустриски сектори за да го надомести овој пад“.

Сепак, има и позитивни сигнали: индустриското производство во септември порасна за 6,5%, што е над очекувањата од 5% и подобрување во однос на августовскиот раст од 5,2%.

Зачлени се на нашиот е-билтен