Kинески електроавтобуси може далечински да се исклучат

Осло ја затегна безбедносната мрежа околу јавниот превоз. По интерни тестирања, норвешкиот оператор Ruter утврди дека дел од новите кинески електроавтобуси имаат далечинска конективност за ажурирања и дијагностика што, во теорија, ѝ овозможува на фабриката производител да го изгаси возилото додека е во сообраќај. Компанијата најави построги правила при набавки, дополнителни заштитни ѕидови и преглед на секое софтверско ажурирање пред инсталација. Нема пријавено реални инциденти на намерно исклучување, но ризик-матрицата се менува, пренесува „Euronews Next“.

Тестот споредил Yutong со европски модел (VDL): кај кинеските автобуси е потврдено надворешно дигитално пристапување за over-the-air процедури; кај европските – не. Ruter ги информирал властите и иницирал мерки за намалување на поврзаноста со критичните системи за управување со батеријата и вратите за време на работа.

Ефектот се прелива низ регионот. Данските власти и најголемиот оператор Movia (со стотици кинески е-автобуси во возен парк) отворија итна сајбер-ревизија – и предупредија дека проблемот не е „само кинески“, туку на сите современи поврзани возила. Дел од мерките (како вадење SIM-картички) се одбиени бидејќи би ги исклучиле и потребните телематски услуги.

Производителите тврдат дека податоците се шифрирани и чуваат во ЕУ-центри, со пристап само со одобрение на купувачот. Но, за операторите прашањето е пошироко: кој има техничка можност да влијае врз возилото и што се случува во кризна ситуација. Затоа, новите тендери во Норвешка ќе бараат докази за сегментација на мрежата, офлајн-режим при возење и независна проверка на софтверот.

Зачлени се на нашиот е-билтен