Кинотека на Северна Македонија соопшти дека оваа година е дел од проектот „ФилмЕД“, чија што цел е да развива и имплементира тренинг програми за наставници и едукатори, кои ќе стекнат знаење и пракса за спроведување на филмска едукација во наставни цели.
„ФилмЕД“ (FilmED) почна со работа и на првиот партнерски состанок кој се одржа на 27 и 28 февруари во Гете-инстутот во Прага беше утврдена методологијата на рабоетење. Исто така, беше презентирана филмската работилницата FILMAY која од септември до крајот на годинава треба да се реализира во Кинотеката на РС Македонија.
Координатор на проектот „ФилмЕД“ е Гете-институтот во Прага, Чешка, а партнери во реализацијата на пректот, покрај Кинотека и Гете- институтот во Скопје, се и Центарот за филмска култура „Анджеј Вајда“ од Полска, непрофитна организација за неформалното филмско и аудиовизуелно образование „Крутон“ од Чешка, Националниот филмски институт – Филмски архив на Унгарија, како и Кино Усмев од Словачка. Сите партнери во проектот се од земји во централно-источниот и југоисточниот дел на Европа, регион кој се соочува со заеднички предизвици и во кој филмско образование во моментов има релативно мала застапеност.
-Проектот „ФилмЕД“ ги таргетира малите и средните културни и образовни организации кои работат со аудиовизуелни добра, и има за цел да помогне во зголемувањето на нивните капацитети, да ги поддржи во споделување на својата аудиовизуелна експертиза со едукатори и наставници, и на крај да им овозможи да развијат и понудат сопствена обука за ширење на филмската култура. Најголемиот предизвик во остварувањето на овие цели е отсуството на знаења и насоки, како и недостигот од практична обука на едукаторите и наставниците кои би можеле да го вметнат филмско образование во своите образовни програми, се вели во соопштението на Кинотека.
Како што потенцираат, со воведување на филмската едукација и конкретни филмските практики, проектот „ФилмЕД“ ќе овозможи да се развие нова и пред сѐ млада публика која преку промоцијата на европскиот филм ќе има можност да се запознае со европското филмско наследство.
Оваа работилница – филмска училница е наменета за млади луѓе и ќе понуди едукација од областа на филмското и аудио-визуелното наследство по што учесниците ќе се стекнат основни познавања на филмската уметност и филмските практики за да можат кративно да се изразат, да пренесат идеи и информации на аудио-визуелен начин, користејќи визуелни изразни средства. Под менторство на филмски професионалци младите учесници ќе снимаат и свои кратки филмови на различни теми, кои ќе бидат прикажани пред пошироката јавност на премиерна проекција на крајот на овој проект во киносалата на Кинотеката. Оваа работилница е само почетна фаза од реализација на „ФилмЕД“, во чии рамки ќе бидат одржани повеќе обуки и работилници во земјите на партнерите-учеснички во проектот.
Проектот е финансиски поддржан од Извршната агенцијата за образование и култура (EACEA) со седиште во Брисел, која управува со дел од програмите на Европската Комисија за финансирање на проекти и иницијативи во образованието, културата, медиумите, спортот, младите, граѓанството и хуманитарната помош.