Кинотеката ја продолжува јубилејната ревија: денес „Трето полувреме“

По јулските проекции, јубилејната филмска ревија на Кинотеката во чест на 75 години од основањето на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) продолжува денес, 3 септември 2025, со „Трето полувреме“ на Дарко Митревски. Во деновите што следуваат, публиката ќе може да погледне избрана програма од македонски филмови што оставиле длабока трага во домашната кинематографија.

Утре, 4 септември, на програмата се „Денес треба нешто да се случи“ (1978) и „Ругање со Христос“ (2018). На 5 септември следуваат „Северен пол“ (2012) и „Соба со пијано“. Ревијата продолжува на 10 септември со „Види ја ти неа“ (2017) и „Домаќинство за почетници“ (2023), а ќе биде заокружена на 12 септември со документарецот „Вирово“ (1968) и „Сестри“ (2021).

„Јубилејната филмска ревија претставува потсетување на 75 години активна работа на ДФРМ и истовремено – почит кон сите генерации визионери, филмски автори, актери, филмски работници и соработници кои ја граделе и сѐ уште ја градат македонската кинематографија. Ревијата отвора простор за средби, дијалози и нови идеи за иднината на седмата уметност во нашата држава. Во време кога вниманието е фрагментирано, јубилејната ревија нѐ потсетува дека добриот филм останува моќна сила – да нѐ трогне, инспирира и обедини“, вели Игор Иванов – Изи, претседател на ДФРМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен