Во јуни, месецот на липите, Кинотеката подготвува кино – програма на отворено, во летното кино „Мирно лето“. Програмата содржи проекции на филмови со музички сензибилитет, веќе редовниот Филозофски филмски фестивал, ревија на португалскиот филм претежно од седумдесеттите години на минатиот век, како и јубилејни проекции по повод стогодишнината од раѓањето на легендарниот и ненадминат американски актер Марлон Брандо.
Програмата започнува со уште една проекција на македонскиот филм „Лена и Владимир“, по сценарио на Александар Русјаков, а во режија на Игор Алексов, а вниманието на кино-сладокусците ќе го привлечат премиерните проекции на новиот филм на Софија Копола, биографскиот „Присила“. Филмот, базиран на мемоарите на Присила Присли – „Елвис и јас“, се нурнува длабоко во комплексноста на нивната врска, претставувајќи наратив што е и интимен и рефлективен.
Филмофилите ќе можат да ги видат уште еднаш, но овојпат на големото платно, музичките и рекламните спотови на Милчо Манчевски.
-Музичките спотови на Манчевски не се само визуелно импресивни, туку и симболично богати. Тој успева да раскаже сложени приказни во краток временски формат, користејќи симболи и метафори кои ги прошируваат значењата на песните. Неговите спотови често ги истражуваат темите на љубовта, загубата, надежта и човечката природа, нудејќи длабоки емоционални искуства за гледачите. Со иновативни визуелни решенија, богата симболика и внимателна монтажа, Манчевски создава спотови што остануваат во меморијата на гледачите долго по завршувањето на песната. Токму затоа овие кратки форми се здобија со повеќе награди кај нас и во светот, наведуваат од Кинотеката.
Програмата продолжува со филмот „Д Хип-Браинсторм“, во режија на нашиот познат музички документарист и филмски критичар Јане Алтипармаков. Ова ќе биде всушност круна на 30-годишнината од издавањето на култната музичка касета креирана од кумановските алтернативци Д Хип. Долгометражниот музичко – филмски проект е почестен со специјалната награда за музички филм од иницијативата МАН-Македонски алтернативни награди.
Следува годинешното издание на „Филозофскиот филмски фестивал“ со омаж на актерската легенда Марлон Брандо, по повод стогодишнината од раѓањето на великанот, и се проектираат во оригинален, 35 мм формат.
Во дигитален формат е понудата на неколку филмови од португалската кинематографија. Станува збор за ремастерирани копии на општествено ангажираните, неколку децении стари филмски творби. Ова е несекојдневна прилика да се видат вакви филмови, што бездруго ѝ е потребно на нашата кино публика. Потребно е да се проследат и делата на кинематографиите кои не ни се многу познати, како што е словачката.
На самиот крај на јуни, повторно музички креации во филмско пакување во рамките на овогодинешното издание на фестивалот „Скопје синема сити“.