Речиси 90 тони хуманитарна помош, меѓу кои десет тони фармацевтски производи испратија Кипар и Велика Британија за цивилите во Газа, што воедно е и првата помош по морски пат, откако Никозија покрена иницијатива за отворање морски хуманитарен коридор, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за надворешни работи на Кипар соопштија дека помошта со соодветно морско британско средство веќе пристигнала на пристаништето Порт Саид во Египет од каде што во координација со египетската Црвена полумесечина, преку однапред договорениот премин Рафа, ќе се пренесе до Газа.
За иницијативата за отворање на еднонасочниот морски хуманитарен коридор за цивилното население во Газа, од кипарското МНР објаснуваат дека уште од самиот почеток имаше специфични параметри.
Прво, создавање оперативен механизам за безбедно примање, складирање и товарење на хуманитарната помош, со методологија која ги задоволува зголемените безбедносни потреби на инволвираните страни и второ, обезбедување соработка со државите кои имаат пловни средства што би можеле да ја транспортираат помошта во зависност од изборот на местото на испорака (Газа, Египет, Израел).
– Двата параметра беа имплементирани и јавно прифатени од Израел и со практична помош од Обединетото Кралство. Овие два елементи не се занемарливи и продолжуваме да се консултираме со другите неопходни страни, вклучувајќи ги палестинските власти и Обединетите нации, соопштија од кипарското МНР.
Претседателот на Кипар Никос Христодулидис во писмената изјава истакна дека „денеска беше спроведена иницијативата на земјата за обезбедување хуманитарна помош за населението во Газа“, иницијатива на која работеле за да се создаде сигурен механизам.
– Меѓународната заедница веќе има на располагање остварлива опција за испраќање дополнителна хуманитарна помош за населението во Газа. Соработката со Израел, со Велика Британија и другите партнери беше одлична. Имаме конкретен план за испраќање дополнителна хуманитарна помош, секогаш земајќи ги предвид околностите на терен и бројните опции во однос на дестинацијата. Продолжуваме методично, во соработка со нашите партнери и искористувајќи го фактот што Република Кипар е земја членка на Европската унија, која се граничи со регионот и одржува одлични односи со земјите од регионот, посочи Христодулидис во писмената изјава.