Движејќи се низ тесните задкулисни ходничиња во Театарот за деца и младинци во Скопје како да влегувате во светот на бајките. Потонувате во измешаните бои, реквизити и сценографија од бајки, а од некој ќош ве поздравуваат принц и принцеза како оние од сказните. И додека ве опива мирисот на омекнувач од свежо испраните костими ходникот ве води до тесни скали кон подрумот. Доволни се само неколку чекори за да го намирисате лепакот, да ви закрцкаат парчињата метал под нозете и да сфатите дека сте во работилница. На ова место, на неколку чекори од театарската сцена, скоро три децении кукларот Кирил Василев изработува театарски кукли, маски, реквизити и се она што се бара за комплетна сценографија.
„Полека да не се исечете од нешто. Без капка крв, нема театарска кукла“, тивко ни рече Василев додека шие кукла од претставата „Лакомата меца“. Како дипломиран вајар кон крајот на 90-те Василев се вработува во Театарот за деца и младинци. Со насмевка евоцира спомени од своето работење, дофрлајќи ни дека најсреќен е кога ќе види стотици насмеани детски лица во публика. И по толку многу години знае да седне помеѓу децата и да гледа претстава. Не затоа што не ја знае приказната, туку да ги забележи детските реакции кога куклите се на сцена.
Додека низ шкафот ја бара брусилицата за да ја израмни ногата на идната кукла, Василев ја брише потта околу очите и со восхит раскажува како се изработуваат куклите во овој театар.
„Најпрво, најпрво треба да се одреди концепцијата за претставата. Тоа е во соработка со идејата на режисерот, според текстот. Какви кукли ќе се изработат зависи од нивната функција во претставата. Во изработката на една кукла освен визуелното, како таа ќе изгледа, исто толку важна е и нејзината функционалност. Значи куклата си има своја механика и си има задачи кои што треба да ги исполни“.
Со закрпената кукла во рака, станувајќи од старото столче на кое поминал стотици часови, Василев не носи во делот каде што се чуваат куклите. Проверувајќи ја функционалноста на крилцата на пеперутката кукларот Кирил Василев со доза на гордост на екипата на Трн и кажа дека куклата може да го прави тоа што не може актерот.
„Може да лета, можеме да и ја извадиме главата, значи секакви нешта кои што еден актер не би можел да ги работи и тоа е едно добро оправдување зошто би имале кукла. Без анимацијата од актерот куклата се сведува на една механичка скулптура“.
И додека стотина кукли висат една над друга, една голема зелена кукла ни го краде вниманието. Кукларот некако остро ја погледна, сам со себе се насмеа, додека ни раскажуваше како ја изработувал. Не секогаш може да го купи тој материјал што е потребен, па често и импровизира. Василев посочи и дека не може комерцијална кукла да се користи во театар. Се што е реквизита на сцената мора да е изработена за таа намена. Раскажувајќи ни како од скица преку цртеж се стигнува до готова театарска кукла за која потоа се шие костим, стигнавме до сцената. Таму речиси три децении принцезата се жали од зрното грашок под перницата, кое и смета кога спие.
„Еве, ова е една од нашите први претстави. Како што гледате се уште функционира со истите актери, истите костими, иста сценографија, исти кукли… Мислам дека се поминати скоро 30 години од првата изведба“.
И додека Василев привршува со местењето на куклите од „Принцезата и зрното грашок“ на сцената, од далеку веќе се слуша детски џагор. За кусо време децата ќе го исполнат театарот до последното седиште. Меѓу нив и кукларот Василев, гледајќи како неговите кукли по кој знае кој пат ќе ја разбудат детската фантазија.
(Извор: Трн)