Киро Урдин: Половина апстракција, половина лик – уметничкиот плакат за „Браќа Манаки 2025“

Мултимедијалниот уметник Киро Урдин е автор на плакатот за 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Урдин вели дека со фестивалскиот тим сакале да дадат посилен уметнички аспект на визуелното решение, па заеднички ја одбрале сликата што е делумно апстрактна, а делумно претставува лик на дама.

„Бојата е повеќе во сино, но бојата сама по себе не значи ништо. Уметноста е во нијансите, боите се униформа,“ вели Урдин, додавајќи дека во неговото творештво секоја слика е различна затоа што повторувањето е „знак на немоќ“.

Тој потсетува и на паралелата меѓу браќата Лумиер и браќата Манаки, како пионери што го трасирале патот на кинематографијата. „Особено ме радува што бројни добитници на Оскар ја примиле и Златната камера 300 во Битола. Тоа зборува за репутацијата на фестивалот,“ нагласува уметникот.

Урдин е познат по големиот мултимедијален проект „Планетариум“, но и по тоа што работел во Париз, илустрирал книги на Жак Делор и Анатолиј Карпов, а неговите дела биле изложени и прикажани низ светот – од Монте Карло до Охридско лето.

Зачлени се на нашиот е-билтен