Соња ТАНЕСКА
Како последица на сè повисоките температури во Европа и Централна Азија околу 377 деца починале во 2021 година – се вели во новата анализа на податоци на УНИЦЕФ од 23 земји од регионот
Анализата на УНИЦЕФ открива дека сред топлотните бранови во Европа и Централна Азија открива половина од децата што починале во првата година, го загубиле животот од болести предизвикани од топлина. Повеќето деца починале во летните месеци.
„Околу половина од децата низ Европа и Централна Азија – или 92 милиони деца – веќе се изложени на чести топлотни бранови во регион каде што температурите растат со најбрзо темпо во светот. Сè повисоките температури може да предизвикаат сериозни здравствени компликации кај децата, особено кај најмалите, дури и за кратко време. Без соодветна нега, ваквите компликации може да бидат опасни по живот“, вели Регина Де Доминисис, регионална директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија.
Изложеноста на топлина има акутни ефекти врз децата, дури и пред да се родат, па може да доведе до предвремено породување, мала тежина при раѓање, мртвороденче и вродени аномалии. Топлотниот удар претставува директна причина за смртност кај доенчињата, може да го засегне нивниот раст и да предизвика низа педијатриски заболувања. Исто така, во извештајот се забележува дека екстремните горештини предизвикале загуба на над 32.000 години здрав живот кај децата и тинејџерите во регионот.
Половина од родителите во Македонија сметаат дека децата се разгалени и не им е потребен клима уред во училиште
Како и на крајот од минатата учебна година, високите температури во септември повторно ги актуелизираа дискусиите за потребата на системи за климатизација во училиштата. Иако дел од родителите се жалат дека училниците не се опремени со клима уреди и децата се дехидрирани по часовите, другата половина од родителите сметаат дека децата се разгалени и не им е потребно разладување.
Сепак во некои од деновите од минатата недела температурите достигнаа и до 35 степени Целзиусови, што значи дека ако над 20 ученици престојуваат во неклиматизирана училница без оглед дали е од сончева страна или под сенка, температурата во внатрешни услови може да стигне и до 40 степени Целзиусови.
Глобалното затоплување и високите температури од кои Северна Македонија не е исклучок претставуваат сериозен предизвик за граѓаните, особено за институциите кои мора да обезбедат адекватна инфраструктура и мерки за заштита на децата од екстремните временски услови.
Во својата последна анализа посветена на детското здравје среде топлотните бранови во Европа и Централна Азија, Фондот за деца при Обединетите Нации – УНИЦЕФ, но и Светската здравствена организација – СЗО, ги повикаа властите да ги адаптираат и училиштата и градинките за да може децата и вработените да се справат со топлотните бранови.
Според информациите на Рацин.мк училиштата во Северна Македонија се делумно опремени со клима уреди, додека пак Министерството за образование не располага со статистички податоци колку училишта имаат недостиг од системи за разладување како и дали е планирана инвестиција.
Од МОН за Рацин.мк рекоа дека по ова прашање повеќе запознаени се општините бидејќи училиштата се под надлежност на општините, иако проверката за техничката спремност и опремата сепак ја вршат инспекторатите кои се под надлежност на Министерството.
За одговори се обративме и до ЗЕЛС- Заедницата на единиците на локалната самоуправа, но и тие немаат точна информација колку се опремени училиштата со клима уреди.
–Точна информација за прашањето немаме и не можеме да го имаме, затоа што општините ја користат секоја можност да стават дополнителни клима уреди во училниците. Финансиските средства кои општините ги добиваат на име на блок дотации, често не им се доволни ниту за покривање на платите, плаќање на сметките за комуналии и набавка на потрошен материјал. Затоа се снаоѓаат на разни начини и бараат спонзорства и донации од стопанствениците кои живеат во тие општини и на тој начин успеваат да купат и инсталираат клима уреди, велат од ЗЕЛС.
ШТО ТОЧНО БАРА УНИЦЕФ ОД ВЛАДИТЕ
-Да интегрираат стратегии за намалување на ефектот од топлотните бранови преку Националните утврдени придонеси, Националните планови за адаптација и политиките за намалување на ризикот од катастрофи и за контрола на катастрофи, при што децата треба да бидат во центарот на овие планови
-Да ги адаптираат образовните установи за да се намалат температурите во просторот каде што децата учат и да ги подготват наставниците како да постапуваат кога има топлотен бран
-Да ги приспособат урбанистичкото планирање и инфраструктурата, како и да обезбедат опременост на зградите, посебно на оние во кои се сместени најранливите заедници, за да се минимизира изложеноста на топлина
И да има клими мора да се штеди струја
Учебната година започна на 2 септември со информацијата дека се укинува пролетниот распуст, која ја продолжи минатата година, а поради топлото време беше невозможно да се одржува настава до 17 јуни бидејќи дел од училиштата немаат обезбедено климатизација во училниците.
Проблемот подеднкаво ги засега и средношколците, но и основците.
– Во некои од училниците има клима уреди, но во повеќето нема и се на сонце, буквално беше неиздржливо да се одржуваат часовите особено во вторта смена. Прозорците постојано се отворени, но буквално нема никакво проветрување бидејќи е претопло, вели Маја М. средношколка од училиште на територијата на општина Карпош за Рацин.мк.
Ништо подобра не е состојбата и во основните училишта, но таму родителите поради возраста на децата се поприсутни и најчесто организирано ги решаваат овие проблеми, собираат пари и купуваат клима уред кој го донираат во училиштето. И покрај тоа сепак има училници кои немаат инсталирано клима уреди, а во буџетот на училиштата најчесто и нема предвидено пари за ваков трошок. Како што објаснуваат родителите, понекогаш клима уредите и кога ги има не се користат за да се намали потрошувачката на струја.
– Потребна е подолгорочна стртегија околу набавката не само на клима уредите, туку и на други потребни средства во училиштата. Можеби се рекламира образованието како бесплатно, но верувајте постојано финансираме некакви проекти, обнова на училници, сала, клима уреди, врати, прозори итн, вели Александра С. мајка на основка од училиште во општина Ѓорче Петров за Рацин.мк.
Според информациите на нашата редакција, дел од скопските градончалници им посочиле на родителите, преку наставниците, дека оваа учебна година не е најголем проблем ладењето, туку ќе биде греењето на кое ќе се штеди.
– Ни рекоа овие топли денови брзо ќе поминат, ама поголемиот проблем е зимата, па ќе требало да ги праќаме нашите деца во училиште потопло облечени бидејќи ќе се штеди -вели мајка од училиште во Влае чиј идентитет е познат на редакцијата, но сакаше да остане анонимна.
МОН ги знае препораките, ама не и фактичката состојба
Надлежноста на основните и средните училишта е во рацете на општините и Градот Скопје, но сепак одговор за подготвеноста на објектите побаравме од Министерството за образование и наука, од каде велат дека се информирани за препораките.
– Светската здравствена организација има подготвено препораки за заштита од топлото време, а Министерството за образование и наука периодов е во постојана комуникација со УНИЦЕФ по однос на ова прашање и со Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје ќе ги прилагодиме препораките на нашите образовни установи, со цел непречено функционирање во новата учебна година и заштита на учениците од можните ризици кои ги носат топлотните бранови, велат од МОН.
Токму за училиштата, УНИЦЕФ предупреди дека доколку немаат услови за справување со топлотните бранови една од опциите е пролонгирање на летниот распуст.
„Но, бидејќи климатските промени водат до почести топлотни бранови и периоди на високи температури и на крајот од пролетта и на почетокот од есента, образовните установи треба да се подготват за топлотните шокови, за да се избегне затворање на училиштата или продолжување на летниот распуст како резултат од екстремните температури“, порача УНИЦЕФ.
За децата во градинка е потешко
Градинките, пак, згрижуваат деца, и во текот на летото и се со поголем ризик од топлотните удари, за време на престојот. Иако топлината не е главен фактор што придонесува за смртност на доенчињата во Северна Македонија, изложеноста на чести топлотни бранови и понатаму загрижува, налагајќи националните климатско-еколошки политики континуирано да ги земаат предвид децата и младите, велат од УНИЦЕФ.
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади (поранешно Министерство за труд и социјална политика), под чиј ресор спаѓаат градинките, велат дека сите простории мора да имаат услови за ладење.
– Согласно Законот за заштита на децата и Правилникот за стандарди и нормативи за вршење на дејноста на установите за деца, пред да се издаде решение за вршење на дејност на објект на
детска градинка/ центар за ран детски развој, министерот формира комисија која врши увид во
исполнетост на условите во објектите на установите за деца, согласно стандардите и нормативите. Со овој увид, меѓу другото, се констатира и начинот на греење и ладење во објектите. Секој објект, со добивањето на решението за вршење на дејност, во сите простории во објектите на установите за деца има регулирано ладење и греење, велат во нивниот одговор.
Сепак и тие како Министерството за образование се повикаа на законот во кој се вели дека општината како основач на детската градинка, треба изнајде соодветно решение за надминување на проблемите.
– Согласно член 59 став (1) од Законот за заштита на децата, Јавна детска градинка се основа од страна на советот на општината, советот на општината во градот Скопје и Владата, со одлука за основање на јавна детска градинка по претходно прибавено мислење од министерството, односно на предлог на министерството за јавна детска градинка основана од Владата. Доколку во установата за деца има проблеми со греење и ладење на просториите, директорот на таа установа потребно е самостојно да го реши проблемот или да се обрати до надлежните во општината во која што припаѓа, бидејќи општината е основач на детската градинка, за да се изнајде соодветно решение за надминување на проблемите, објаснуваат за Рацин.мк од Министерството.