Соња ТАНЕСКА
Глобалното затоплување и високите температури кои ја зафатија Северна Македонија претставуваат сериозен предизвик особено за институциите кои мора да обезбедат адекватна инфраструктура и мерки за заштита на децата од екстремните временски услови.
Токму затоа Фондот за деца при Обединетите Нации – УНИЦЕФ, со својата последна анализа посветена на детското здравје среде топлотните бранови во Европа и Централна Азија, но и Светската здравствена организација – СЗО ги повикаа властите да ги адаптираат и училиштата и градинките за да може децата и вработените да се справат со топлотните бранови.
Дел од родителите кои ги контактираше Рацин.мк тврдат дека и градинките и училиштата делумно се опремени со клима уреди, додека пак надлежните министерства не располагаат со статистички податоци колку градиники и училишта располагаат или имаат недостиг од клима уреди во земјава и дали е планирана инвестиција. Како што тврдат во нивните одговори по ова прашање се повеќе запознаени општините иако проверката ја вршат инспекторатите.
Бидејќи температурите и натаму растат, УНИЦЕФ ги повикува владите низ Европа и Централна Азија:
-Да интегрираат стратегии за намалување на ефектот од топлотните бранови преку Националните утврдени придонеси, Националните планови за адаптација и политиките за намалување на ризикот од катастрофи и за контрола на катастрофи, при што децата треба да бидат во центарот на овие планови
-Да инвестираат во здравствени акциски планови за справување со екстремни температури и во примарната здравствена заштита за обезбедување посоодветна поддршка при болести предизвикани од топлина кај децата
-Да инвестираат во системи за рано предупредување, каде што спаѓаат и системи за предупредување при топлотни бранови
-Да ги адаптираат образовните установи за да се намалат температурите во просторот каде што децата учат и да ги подготват наставниците како да постапуваат кога има топлотен бран
-Да ги приспособат урбанистичкото планирање и инфраструктурата, како и да обезбедат опременост на зградите, посебно на оние во кои се сместени најранливите заедници, за да се минимизира изложеноста на топлина
-Да се обезбеди снабдување со чиста вода, особено во земјите каде што квалитетот и достапноста на водата се влошуваат.
И да има клими мора да се штеди струја
Училиштата во моментов не работат поради летниот распуст, но очекувано е топлото време да се задржи во септември како минатата година, а проблеми со ладењето имаше и во месец јуни каде дел од училиштата немаат обезбедено климатизација во училниците.
– Немаме климатизација во дел од училниците, а дополнителен проблем е што топлината влегува и кога отвораме прозорци да проветриме, вели Ирена М. средношколка од училиште на територијата на општина Карпош за Рацин.мк.
Слична е состојбата и во основните училишта, со тоа што таму пак родителите се поорганизирани па собираат пари за да набават клима уред како донација за училницата во која престојуваат нивните деца.
– Во суштина не е голема сумата, но сепак не можеме да ги финансираме постојано училиштата, потребна е подогорочна стратегија, бидејќи па потоа училиштето бара од наставниците да штедат струја па излегува дека џабе сме ја обезбедиле климата, појаснува Викторија М. мајка на основец од училиште во општина Ѓорче Петров за Рацин.мк.
Надлежноста на основните и средните училишта е во рацете на општините и Градот Скопје, но сепак одговор за подготвеноста на објектите побаравме од Министерството за образование и наука, каде не располагаат со точни информации за опременоста на училиштата но велат дека се информирани за препораките.
– Светската здравствена организација има подготвено препораки за заштита од топлото време, а Министерството за образование и наука периодов е во постојана комуникација со УНИЦЕФ по однос на ова прашање и со Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје ќе ги прилагодиме препораките на нашите образовни установи, со цел непречен старт на новата учебна година и заштита на учениците од можните ризици кои ги носат топлотните бранови, велат од МОН.
Токму за училиштата, УНИЦЕФ предупреди дека доколку немаат услови за справување со топлотните бранови би можело да дојде и до пролонгирање на летниот распуст. Нивната адаптација, забележаа од меѓународната организација, често се превидува затоа што топлотните бранови се појавуваат за време на летниот распуст.
„Но, бидејќи климатските промени водат до почести топлотни бранови и периоди на високи температури и на крајот од пролетта и на почетокот од есента, образовните установи треба да се подготват за топлотните шокови, за да се избегне затворање на училиштата или продолжување на летниот распуст како резултат од екстремните температури“, порача УНИЦЕФ.
За децата во градинка е потешко
Градинките, пак, згрижуваат деца, и во текот на летото и се со поголем ризик од топлотните удари, за време на престојот. Иако топлината не е главен фактор што придонесува за смртност на доенчињата во Северна Македонија, изложеноста на чести топлотни бранови и понатаму загрижува, налагајќи националните климатско-еколошки политики континуирано да ги земаат предвид децата и младите, велат од УНИЦЕФ.
Покрај повиците за владина акција од регионалното соопштение за печатот, во Северна Македонија треба да се размисли за адаптирање на предучилишните и образовните установи, и оспособување на наставниците и родителите да одговорат на топлотниот стрес.
„Изминатите две години се навистина претопли, Дел од занималните имаат клима уреди, дел немаат но во летниот период повеќето деца се во една група бидејќи се помалку. Тоа значи дека некогаш се на топло, некогаш на посвежно, кога јадат спијат и слично.Понекогаш двете деца остануваат дома бидејќи клима уредите во градинките најчесто и не можат да ја постигнат посакуваната температура , вели Александра Т., чие дете посетува градинка во Центар.
Таа додава дека по примерот на други родители започнале иницијатива да соберат пари и да набават самите клима уред кој е поквалитетен доколку е потребно, за некоја од занималните бидејќи кога надвор е над 40 степени разбирливо е постарите уреди да не може да ја извршуваат функцијата.
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади (поранешно Министерство за труд и социјална политика), под чиј ресор спаѓаат градинките, велат дека сите простории мора да имаат услови за ладење.
–Согласно Законот за заштита на децата и Правилникот за стандарди и нормативи за вршење на дејноста на установите за деца, пред да се издаде решение за вршење на дејност на објект на
детска градинка/ центар за ран детски развој, министерот формира комисија која врши увид во
исполнетост на условите во објектите на установите за деца, согласно стандардите и нормативите. Со овој увид, меѓу другото, се констатира и начинот на греење и ладење во објектите. Секој објект, со добивањето на решението за вршење на дејност, во сите простории во објектите на установите за деца има регулирано ладење и греење, велат во нивниот одговор.
Сепак и тие како Министерството за образование се повикаа на законот во кој се вели дека општината како основач на детската градинка, треба изнајде соодветно решение за надминување на проблемите.
-Согласно член 59 став (1) од Законот за заштита на децата, Јавна детска градинка се основа од
страна на советот на општината, советот на општината во градот Скопје и Владата, со одлука за основање на јавна детска градинка по претходно прибавено мислење од министерството, односно на предлог на министерството за јавна детска градинка основана од Владата. Доколку во установата за деца има проблеми со греење и ладење на просториите, директорот на таа установа потребно е самостојно да го реши проблемот или да се обрати до надлежните во општината во која што припаѓа, бидејќи општината е основач на детската градинка, за да се изнајде соодветно решение за надминување на проблемите, објаснуваат за Рацин.мк од Министерството.Сè поголемите горештини во Европа и Централна Азија убиваат речиси 400 деца годишно
Како последица на сè повисоките температури во Европа и Централна Азија околу 377 деца починале во 2021 година – се вели во новата анализа на податоци од 23 земји од регионот објавена денеска од УНИЦЕФ.
Победете ја горештината: детското здравје сред топлотните бранови во Европа и Централна Азија открива дека половина од овие деца починале во првата година од животот од болести предизвикани од топлина. Повеќето деца починале во летните месеци.
„Околу половина од децата низ Европа и Централна Азија – или 92 милиони деца – веќе се изложени на чести топлотни бранови во регион каде што температурите растат со најбрзо темпо во светот. Сè повисоките температури може да предизвикаат сериозни здравствени компликации кај децата, особено кај најмалите, дури и за кратко време. Без соодветна нега, ваквите компликации може да бидат опасни по живот“, рече Регина Де Доминисис, регионална директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија.
Изложеноста на топлина има акутни ефекти врз децата, дури и пред да се родат, па може да доведе до предвремено породување, мала тежина при раѓање, мртвороденче и вродени аномалии. Топлотниот удар претставува директна причина за смртност кај доенчињата, може да го засегне нивниот раст и да предизвика низа педијатриски заболувања. Исто така, во извештајот се забележува дека екстремните горештини предизвикале загуба на над 32.000 години здрав живот кај децата и тинејџерите во регионот.