Младиот рок бенд „Корка“ од Кочани, еден од најперспективните алтернативни состави на македонската сцена, од синоќа е на регионална турнеја низ шест држави. Турнејата започна со концерт во Алтернативниот културен центар „Термокис“ во Приштина, а продолжува вечерва со настап во Друштвениот културен центар „Помаранџа“ во Подгорица.
По Црна Гора, „Корка“ на 6 јануари ќе настапи во Автономниот друштвено-културен центар „Нигдјеземска“ во Задар, а потоа следуваат два концерта во Љубљана – во „Гала хала“ и Културниот дом во Железники, на 8 и 9 јануари. Претпоследниот концерт од турнејата ќе се одржи во Белград, во просторот „Квака 22“ на 11 јануари, а турнејата ќе заврши со концерт пред домашната публика во „Котур“ во Скопје, на 19 јануари.
Регионалната турнеја доаѓа по успешните настапи на бендот надвор од земјава, меѓу кои и учеството на фестивалот Changeover во Белград, како и концертот во Брисел на меѓународниот натпревар Imagine Music Experience, каде што „Корка“ ја освои наградата од публиката. Ова е прво признание за Македонија на овој натпревар по четири години учество.
„Кога го слушнавме нашето име, сите бевме збунети, но и пресреќни. Ова е првпат Македонија да освои награда на ваков настан“, изјави вокалистката Анастасија Стојменовска, додавајќи дека настапите пред публика која првпат ги слуша се особено значајно искуство за бендот.
Басистот и вокал Ненад Стојанов за интервју на Рацин посочи дека во Кочани постои интерес за алтернативна и рок-музика, но дека градот се соочува со сериозен недостиг од културна инфраструктура. Тој нагласи дека наградата од Брисел ја посветуваат на Сара Јорданова – првата тапанарка на „Корка“ – и на сите жртви од пожарот во Кочани.
Бендот е под закрила на независната издавачка куќа „Мртов коњ“, која ја организира турнејата, а во мај годинава го издаде своето деби, самонасловено EP. Со својот тврд, емотивен и директен звук, „Корка“ веќе се позиционира како значаен глас на младата алтернативна сцена во Македонија и пошироко.