Коцевски: Објектот немал хидрант ниту резервен излез за евакуација

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски ги објави првичните резултати од истрагата, откривајќи сериозни пропусти во безбедноста на дискотеката „Пулс“.

„Објектот немал хидрант, немал ПП апарати, резервен излез за евакуација – или поточно, имал, но вратата била заклучена со катанец и без брава. Незаконски се користела пиротехника, а објектот имал дозвола за лесна индустрија, не за угостителска дејност“, изјави Коцевски, наведувајќи и други прекршувања на законот.

Истрагата продолжува, а надлежните најавуваат кривични постапки против сите одговорни, a Коцевски рече дека засега се бара притвор за 10 лица.

Според него, немало пристап за противпожарни возила, а ентериерот бил обложен со гипс-картон без огноотпорни својства. Недостасувал спуштен таван со најмалку 30-минутна противпожарна заштита, како и систем за автоматско затворање на вратите и противпожарно известување.

Дополнително, објектот бил неправилно обложен со звучноизолациски материјали што биле лесно запаливи. Пиротехнички материјали се користеле нелегално, без дозвола и без стручно лице за нивно активирање.

Истрагата утврдила и дека објектот бил регистриран како деловен простор за лесна индустрија со површина од 419 квадратни метри, без пренамена во угостителски објект. Сепак, Министерството за економија му издало дозвола за работа како угостителски објект пред 15 години.

Коцевски истакна дека овие пропусти ќе бидат предмет на понатамошна кривична постапка.

Зачлени се на нашиот е-билтен