Во 2024 година, дури 70,9% од жителите на Европската унија користеле интернет-поврзани уреди, покажуваат податоците на Евростат. Најголем удел на корисници е забележан во Холандија (94,8%), Ирска (90,6%) и Данска (87%), додека најниски проценти се регистрирани во Полска (46,1%), Бугарија (50,8%) и Романија (56,6%).
Најчесто користени се интернет-поврзаните телевизори – дури 57,9% од луѓето во ЕУ во 2024 година користеле такви уреди. Следуваат паметните носливи уреди, како часовници и фитнес-тракери (29,9%). Околу една петтина од граѓаните користеле гејм-конзоли и интернет-поврзани аудио-системи за дома, а 16% виртуелни асистенти преку „смарт“ звучници.
Поретко се користат уреди за автоматизација во домаќинствата: 14,2% користеле систем за управување со домашна енергија, 12,8% паметни апарати, а 11,8% безбедносни уреди. Во 2024 година, 10,5% пријавиле користење автомобил со вградена безжична врска, 7,9% здравствени IoT уреди, а само 2,3% интернет-поврзани играчки.
Анализата по возрасни групи покажува јасни разлики. Највисока употреба има кај младите на возраст од 16 до 24 години – 84% од нив користеле најмалку еден интернет-поврзан уред, наспроти 45% од луѓето меѓу 65 и 74 години. Младите најчесто користат уреди за забава: интернет телевизори (67%), паметни носливи уреди (40%), гејм-конзоли (40%), „смарт“ звучници (26%) и виртуелни асистенти (23%).