Кој е Јаков Јозиновиќ, феномен кој го воодушевува Балканот

Jakov Jozinović Foto: Danko Simeunovic

Јаков Јозиновиќ, феномен кој го воодушевува Балканот, е 20-годишен пејач од Винковци што во последните месеци се проби од улиците и социјалните мрежи до распродадени настапи и регионална препознатливост. Најголемата вирална експлозија ја доби со својата изведба на „Оливера“ од Ѓорѓе Балашевиќ, токму таа верзија речиси е невозможно да не се појави пред корисниците на TikTok. Популарноста брзо се претвори и во конкретен интерес од публиката, па негов концерт во Белград бил распродаден за само еден час.

Но неговата приказна не почнува со TikTok. Јозиновиќ уште многу млад се појавил во „Суперталент“, каде што го привлекол вниманието со изведба на „Bohemian Rhapsody“, а потоа, како што пишуваат регионалните медиуми продолжил посветено да работи на гласот и кариерата. Најмногу внимание подоцна му донеле спонтаните настапи на улици и градски плоштади, каде често ги пеел „Оливера“, „Цесарица“, „Јужњаци“ и други големи хитови, градејќи препознатлив стил што повеќе се потпира на емоција отколку на класичен естраден настап.

Јозиновиќ вели дека особено го инспирира Оливер Драгојевиќ, а како една од најдрагите песни што ги изведува ја издвојува „Куќа полна народ“ од Здравко Чолиќ. Негова цел, според истите наводи, е еден ден да ја наполни Загрепска арена и да снима свои песни. Во меѓувреме, тој е студент на Факултетот за политички науки во Загреб, претходно со години се занимавал со тенис, а дополнителен интерес предизвикува и фактот што славата не ја градел агресивно сам, туку преку снимки што најчесто ги ширеле неговите обожаватели.

Токму затоа Јаков Јозиновиќ денес не се доживува само како уште едно младо интернет-име, туку како регионален музички феномен што старите песни ги враќа во нов живот и ги спојува различните генерации на Балканот. Во време кога публиката брзо се заситува од краткотрајни вирални ѕвезди, неговиот подем засега изгледа како редок пример каде емоцијата, гласот и спонтаноста се покажаа посилни од обичната интернет-популарност.

Зачлени се на нашиот е-билтен