„Кој е следен?“ ќе се обрати во Собранието за трагедијата во Кочани

Граѓанското движење „Кој е следен?“ доби покана да учествува на седницата на Постојаната анкетна комисија за човекови права и слободи во Собранието, посветена на трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, во која загинаа 63 млади луѓе, а речиси 200 беа повредени.

Во пресрет на седницата, иницијативата најави дека на 6 декември во 18 часот ќе одржи јавен онлајн состанок, на кој граѓаните ќе можат да предложат ставови и барања што потоа ќе бидат преточени во обраќање пред пратениците. Намерата е гласот од улица, од плоштадите и од семејствата на жртвите да стигне до собраниската говорница, а не дискусијата да се сведе само на протоколарни изјави.

„Кој е следен?“ се појави непосредно по пожарот во „Пулс“ како граѓанско движење против системското нефункционирање и неказнивоста. Нивната мисија е создавање побезбедни градови и одговорни институции, преку притисок за транспарентност и реални реформи – од инспекциските служби до локалната самоуправа.

Во изминатите месеци тие беа меѓу организаторите на маршеви, собири и акции како „Ѕвездено небо“ во Скопје, каде илјадници граѓани со молк и свеќи потсетија дека и по половина година правдата за Кочани е недостижна.

Паралелно со протестите, политичкиот систем полека се обидува да одговори на притисокот. Собранието деновиве формираше Анкетна комисија што треба да ги испита околностите и можните пропусти не само за пожарот во „Пулс“, туку и за другите големи несреќи – модуларната болница во Тетово, автобуските трагедии на „Дурмо турс“ и „Беса транс“.

Истовремено, за 9 декември е закажана и седница на Постојаната анкетна комисија за човекови права по претставка на родителите на загинатите деца, на која ќе сведочат институциите, но и претставници на граѓанскиот сектор.

Во оваа слика „Кој е следен?“ настојува да внесе нешто што често недостига – структурирани граѓански барања. Од движењето веќе подолго време инсистираат на јавно објавување на целата документација за дискотеката „Пулс“, вклучително и записниците од сите инспекторати и ресори кои имале надлежност над објектот. Бараат и воспоставување граѓански е-инспекторат и единствен број за итни пријави, преку кој секој граѓанин може да сигнализира ризични објекти и да бара брза реакција.

Зачлени се на нашиот е-билтен