Кој е следен на листата на Трамп по Венецуела? Најмалку пет држави во фокусот на Вашингтон

По воената интервенција во Венецуела и апсењето на претседателот Николас Мадуро, американскиот претседател Доналд Трамп отворено навести можност за нови надворешни интервенции. Како потенцијални следни цели се споменуваат Колумбија, Куба, Мексико и Иран, додека повторно беше актуелизирана и идејата САД да го преземат Гренланд – потег што предизвика остра реакција од Данска.

Магазинот „Тајм“ објави анализа на земјите кои, според актуелната реторика на Белата куќа, би можеле да се најдат на следниот список на американски интервенции.

Колумбија: „Воена операција? Звучи добро“

Колумбискиот претседател Густаво Петро, чија земја се граничи со Венецуела, јавно ја осуди американската воена акција во Каракас. Тој преку социјалната мрежа Икс соопшти дека неговата влада ја отфрла „агресијата врз суверенитетот на Венецуела и Латинска Америка“ и повика на итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Иако Колумбија и САД имаат децениски безбедносен сојуз, односите се значително влошени поради личниот и политичкиот судир меѓу Петро и Трамп. Американскиот претседател го обвини колумбискиот лидер дека не успеал да го намали шверцот на кокаин кон САД, нарекувајќи го „нелегитимен нарко-лидер“.

Уште во декември, Трамп навести дека би можел да ги прошири воените операции против трговијата со дрога и надвор од Венецуела, вклучително и кон Колумбија. Петро тогаш му порача да ја посети Богота и лично да се увери во напорите за справување со проблемот, предупредувајќи дека заканите по суверенитетот претставуваат објава на војна.

Во неделата, на летот со „Ер Форс Ван“, Трамп повторно остро зборуваше за Колумбија, изјавувајќи дека земјата е „болесна“ и дека ја води човек кој „произведува и продава кокаин на САД“. На прашањето дали тоа значи можна воена интервенција, Трамп одговори: „Звучи ми добро.“

Куба: „Пропадната нација“

По нападот врз Венецуела, Трамп беше прашан дали Куба и претседателот Мигел Дијас-Канел треба да ја сфатат пораката од американската интервенција.

„На крајот ќе зборуваме и за Куба, бидејќи Куба сега е пропадната нација“, рече Трамп.

Американскиот државен секретар Марко Рубио, познат критичар на кубанската власт, изјави дека лидерите во Хавана имаат причина за загриженост. Слична порака упати и сенаторот Линдзи Греем, кој оцени дека Куба и Иран треба внимателно да ги следат случувањата по Венецуела.

Сепак, подоцна Трамп делумно ја ублажи реториката, изјавувајќи дека Куба „сама ќе падне“ и дека можеби нема потреба од директна американска интервенција.

Кубанскиот претседател Дијас-Канел, кој претходно ја осуди акцијата во Венецуела и побара ослободување на Мадуро, засега официјално не одговори на изјавите на Трамп. На Икс тој порача дека „зоната на мирот е брутално нападната“ и ја повтори паролата „Татковина или смрт“.

Гренланд: „Му е потребен на САД“

Американскиот претседател ја искористи интервенцијата во Венецуела за повторно да ја отвори идејата за припојување на Гренланд, автономна територија во рамки на Кралството Данска.

„Гренланд ни е потребен, апсолутно“, изјави Трамп во интервју за „Атлантик“, нагласувајќи дека неговите изјави не се празна реторика, туку политичка намера.

Повторното актуелизирање на ова прашање предизвика остри реакции во Копенхаген, каде ваквите изјави се оценуваат како директно мешање во суверенитетот на Данска.

Зачлени се на нашиот е-билтен