Кој е убиецот Грозданоски, екстремист и обвинет

Осомничениот за убиството на 76-годишен охриѓанец, чие тело беше пронајдено во дом на улицата „Нада Филева“, е 53-годишен маж од тетовското село Брвеница, кого полицијата го уапси истиот ден по распишана централна потерница. Според официјалните информации, против него ќе следува кривична пријава за убиство.

Во јавноста тој веќе е идентификуван како Жарко Грозданоски. Во медиумските извештаи се наведува дека работи како анестезиолошки техничар на ТОАРИЛУЦ и дека е поврзан со организацијата „Христијанско братство“, каде се јавува како еден од поистакнатите јавни претставници.

Неговото име и претходно се појавуваше во јавноста. Во 2019 година против него била поднесена кривична пријава за загрозување на сигурноста преку компјутерски систем, поради закани упатени кон тогашниот премиер Зоран Заев. Во дел од извештаите се наведува и дека учествувал во протестите што кулминираа со упадот во Собранието на 27 април 2017 година, како и во протестите против уставните измени во 2018 година.

За Грозданоски постојат и постари судски траги. Според објавеното, тетовскиот Основен суд во 2012 година постапувал по обвинение против него за оштетување туѓи предмети, навреда и загрозување на сигурноста, а во судското решение било наведено дека треба да исплати 23.000 денари на име штета и трошоци. Истрагата за убиството во Охрид е во тек, а мотивот засега не е официјално соопштен од надлежните институции.

Зачлени се на нашиот е-билтен