Граѓаните што аплицираа за ваучери за инвертер-клими за домаќинствата беа оставени да чекаат со часови во долги редици за нивно подигање, создавајќи големо незадоволство и кај најтрпеливите. Иако во текот на вчерашниот ден сите добија известување дека подигнувањето ќе се случува денеска на 07.11.2024 година, а граѓаните утрово веќе беа на локациите предвидени за доделување на ваучерите, министерката Сања божиновска подоцна даде изјава дека и не морало сите да ги подигнат денеска, туку можело и во текот на следните денови до 30 ноември.
Редакцијата на Рацин.мк уште вчера се јави на телефоните за информации на министерствотото, од каде добивме одговор дека ваучерите мора да се подигнат лично, без оглед на тоа што датумот е и рокот на известување е краток ( списоците беа објавени во неделата), а дел од апликантите се на пат или пак болни, сепак ни одговорија дека се уште нема одлука што ќе се случува со оние кои нема да се појават на пунктовите.
Дополнително недоразбирање, велат граѓаните било тоа што во СМС известувањата кои ги добиле, бил посочен денешниот датум и терминот.
Па така, иако ниту сосема студено, ниту сосема топло, од редицата граѓани пред „Борис Трајковски“, се слушаа негодувања и разочараност, затоа што некои граѓани чекаа стоејќи и повеќе од еден час.
Министерството за економија, го распиша јавниот повик уште во февруари годинава, соопшти дека целта е поддршка за енергетска ефикасност и олеснување на затоплувањето во домовите, особено кај социјално ранливите групи. Потоа документите ги презеде Министерството за енергетика, а недостатокот на добро организиран систем за дистрибуција доведе до хаос и метеж.
Со почетокот на доделувањето на ваучерите, граѓаните масовно се собраа во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, како и во спортските сали во Битола и на други локации низ земјата. Многумина беа повикани преку СМС-пораки и информирани дека ваучерите мораат лично да ги подигнат и потпишат договори, бидејќи не можат да се испратат по пошта. Ова дополнително ги отежна условите, а многумина, разочарани од долгото чекање, изјавија дека можеби и нема да можат да ги добијат навреме ваучерите и да ги искористат.
Министерката за енергетика и рударство, Сања Божиновска, посочи дека добила информации за поплаки од граѓаните, од кои дел се однесуваат на тоа дека ваучерите наводно се делеле „со врски“. Таа ги повика сите што сметаат дека процесот бил неправеден да се обратат официјално за да може надлежните институции да истражат евентуални неправилности.
„Слушнав дека има неколку поплаки и ги охрабрувам сите што сметаат дека процесот не бил во ред да нѐ известат за да можеме да реагираме,“ изјави Божиновска. Таа истакна дека Министерството не било директно вклучено во процесот на селекција, туку само ги добило списоците со имињата на одобрените корисници и фирмите кои треба да ги обезбедат ваучерите.
И покрај првичните најави, граѓаните беа известени за точните локации за подигнување дури пред неколку дена, поради што многумина сметаат дека немаат доволно време за навремено подигање и реализација. Ваучерите се однесуваат на над шест илјади домаќинства, со предвиден износ од околу 155 милиони денари за нивна набавка и вградување, но ако овој процес продолжи со вакви тешкотии, дел од граѓаните можеби ќе останат без поддршката на која сметаа.