Кој имал најмногу контакти со Епстајн е прашањето што го отвора Економист, откако редакцијата анализирала 1,4 милиони електронски пораки поврзани со Џефри Епстајн и издвоила 500 личности кои најчесто се појавуваат во кореспонденцијата, за да ја реконструира мрежата на луѓе кои биле во постојан допир со него во годините по 2008, кога тој се изјаснил виновен за барање сексуални услуги од малолетно лице.
Според Економист, меѓу позвучните имиња што се појавуваат во електронската пошта се Дејвид Стерн, помошник на Ендрју Маунтбатен-Виндзор, Лери Самерс, поранешен американски министер за финансии, како и Гислејн Максвел, соработничка на Епстајн која подоцна беше осудена за трговија со малолетници за сексуална експлоатација. Во анализата се нагласува дека дел од овие контакти биле „конзистентни“, односно не се сведуваат на случајни пораки, туку на повторливи комуникации во подолг период.
Податоците што ги изнесува Економист покажуваат дека некои луѓе разменувале стотици пораки месечно со Епстајн, меѓу кои физичарот Лоренс Краус и банкарката Аријан де Ротшилд. За да се прикаже колку широко се простирала мрежата, списанието ги поделило „топ 500“ контактите и по области на дејствување: ако се исклучат пораките со персоналот и деловните партнери, 19% од комуникацијата со најчестите кореспонденти била со луѓе од финансискиот сектор, како Џес Стејли, поранешен извршен директор на „Барклиз“, а 17% со луѓе од академијата, како имунологот Борис Николиќ. Во листата, според Економист, има и политичари како Питер Манделсон и Ехуд Барак, но и имиња од медиуми и забава, меѓу кои публицистката Пеги Сигал, новинарот Мајкл Вулф и филмскиот автор Вуди Ален.
Економист наведува дека во групата од 500 најчести контакти има најмалку 18 сегашни или поранешни милијардери, меѓу кои Питер Тил и Илон Маск, и дека сите тие, според податоците, биле во допир со Епстајн по неговото изјаснување за вина во 2008. Во исто време, списанието нагласува дека повеќето кореспонденти тврдат оти не знаеле за размерите на неговите злосторства, што ја отвора дилемата како да се читаат ваквите траги од контакт во јавниот простор.
Затоа, Економист подвлекува дека голиот број пораки не е доволен за да се разбере природата на односите и дека за попрецизна слика ги мапирале пораките според тоа кој колку испраќал и колку добивал. Во примерите што ги наведува анализата, Аријан де Ротшилд испраќала многу повеќе пораки отколку што добивала, додека кај Лоренс Краус размената била приближно изедначена. Има и случаи кога односот е силно асиметричен: Бил Гејтс, според Економист, бил „бомбардиран“ со пораки меѓу 2014 и 2016 година, а одговорил на релативно мал дел, иако, како што наведува списанието, се среќавал со Епстајн лично во повеќе наврати.
На крајот, Економист посочува дека во огромната маса од секојдневни и привидно банални пораки има и содржини што се однесуваат на тековната злоупотреба на жени и девојчиња. Затоа, според нивното објаснување, користеле голем јазичен модел за да ја оцени секоја порака според тоа колку е вознемирувачка, при што меѓу повеќе од еден милион пораки биле означени над илјада како „високо загрижувачки“.