Во нов судир меѓу локалната власт и активистите, новоизбраната советничка во Град Скопје и основач на иницијативата „Шанса за Центар“, Јана Белчева, го обвини градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, дека со проектот за „Треска“ се уништува јавниот интерес и се овозможува бетонизација на просторот. Од Општината возвратија дека Белчева манипулира и дека не се распродава државното земјиште, туку напротив – се предвидуваат нов парк, градинка и повеќе зелени површини од законскиот минимум. Судирот меѓу Белчева и Герасимовски покажува колку е тенка линијата меѓу политичкиот спин и урбанистичките факти, особено кога станува збор за највредното парче земја во срцето на Скопје.
Јана Белчева, основач на граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ и новоизбрана советничка во Советот на Град Скопје, јавно го нападна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. Таа прашува како ќе живеат 5.000 луѓе на простор наменет за 1.500 жители, обвинува дека се сечат дрвја, се приватизира државно земјиште и дека е укинат архитектонски конкурс кој требало да го заштити јавниот интерес во поранешната индустриска зона „Треска“.Според неа, Герасимовски „еднострано и незаконски“ го отфрлил конкурсот за „Треска“, што го толкува како победа на инвеститорите над граѓаните.
Општина Центар возврати дека Белчева „манипулира“ и дека не се распродава целиот државен имот. Од таму велат: дека 47% од земјиштето во „Треска“ е државно, но само околу 10% е предмет на дооформување на парцели – законска обврска, а преостанатото е резервирано за улици, тротоари, зеленило и јавна инфраструктура. Тврдат дека наместо бетонизација се планираат градинка, парк и поголем процент на зелени површини од законскиот минимум.
Со други зборови, битката за „Треска“ не е само урбанистичко прашање – таа е борба за наратив: кој ја брани јавната добробит, а кого ќе го запаметат како политичар што „го продал државното земјиште“.
Белчева и „Шанса за Центар“ одамна го градат политичкиот идентиет како глас на станарите против „бетонизацијата“ и урбанистичкиот хаос, прво во Советот на Општина Центар, а сега и во Советот на Град Скопје. На овие избори иницијативата освои две советнички места во Центар и едно во Градот, што им дава институционална платформа да вршат притисок врз локалната власт.Таа отворено тврди дека СДСМ не испорачал заштита на јавниот простор, и дека актуелната администрација ја предала локацијата „Треска“ на приватниот интерес.
Но прашањето е: кој политички профитира од овој фронтален удар врз Герасимовски? Формално, Белчева се претставува како независна антипартиска сила. Во минатото таа јавно одбила повик од ВМРО-ДПМНЕ за постизборно здружување во Советот на Центар, објаснувајќи дека Советот не е пазар за коалиции и дека граѓанските листи нема да бидат ничиј додаток. Но денес, нејзината реторика најжестоко удира токму по Герасимовски и по СДСМ, во момент кога десниот блок се обидува да го претстави Центар како симбол на предадена урбана политика. Ова реално го ослабува просторот на социјалдемократите во најчувствителната општина во државата и индиректно му оди во прилог на наративот на ВМРО-ДПМНЕ дека „старите власти“ ја претвориле метар по метар јавно земјиште во згради. Ова е политички ефект, дури и ако Белчева формално не склучува договори со нив.
Дополнителна сенка паѓа врз кредибилитетот на Белчева поради објавените документи за можен судир на интереси. Неколку медиуми објавија дека фирмата на сопругот на нејзината сестра добила одобрение да гради станбена зграда на улицата „Коста Шахов“ бр. 8, веднаш до студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, и тоа на 1 октомври 2021 година – само две недели пред локалните избори – во време кога Белчева беше претседателка на Советот на Општина Центар, а Саша Богдановиќ беше градоначалник. Објавени се и стари решенија за парцела во Долно Водно впишана на мајката на Белчева, за која дозволената површина за градба речиси се удвојува со спорна одлука на Советот од 2014 година, а потоа парцелата е продадена и таму веќе има објект.
Критичарите велат дека токму тие лични примери ја релативизираат нејзината слика за „некомпромисна борба против градежната мафија“.
