Кој сè трча за Скопје: пет имиња, шест различни патеки

Трката за градоначалник на Град Скопје се заострува: досега се потврдени шест кандидатури или најави – Орце Ѓорѓиевски (ВМРО-ДПМНЕ), Каја Шукова (СДСМ), Скендер Реџепи (Европски фронт/ДУИ), Башким Бакиу („Вреди“), Амар Мециновиќ (Левица) и уште еден кандидат што го најавува граѓанската иницијатива „Независни заедно“. Првиот круг, според досега објавените информации, треба да се одржи на 19 октомври, а евентуалниот втор на 2 ноември.

Орце Ѓорѓиевски (ВМРО-ДПМНЕ)

Актуелен градоначалник на Кисела Вода (од 2021), роден во 1987 во Скопје; дипломиран политиколог (Правен факултет „Јустинијан I“) со магистратура по менаџмент на човечки ресурси. Кандидатурата за Скопје беше формално потврдена од ВМРО-ДПМНЕ на 6 јули.
Во настапите како кандидат нагласува дека нефункционалноста на ЈСП е меѓу „топ 5 приоритети“ и дека ќе се оди на долгорочна стратегија, со постојано обновување на возниот парк.

Каја Шукова (СДСМ)

Поранешна министерка за животна средина, докторка на науки од областа на управување со отпад. СДСМ ја кандидираше на 18 јули.
Во кампањата најавува враќање/продолжување на проектот за брз автобуски транспорт (БРТ) и реално решавање на комуналните проблеми, посебно поврзани со водата, како и фокус на културна програма и ревитализација на Чаршијата и Калето, со акцент на подготовките на Скопје како европска престолнина на културата во 2028.

Скендер Реџепи (Европски фронт/ДУИ)

Пратеник и претседател на „Народно движење“, номиниран како кандидат на Европскиот фронт предводен од ДУИ. До моментот на ова пишување, програмска платформа за Скопје не е јавно објавена.

Башким Бакиу („Вреди“)

Политиколог со искуство во локални политики; актуелно директор на Дирекцијата за општи услуги при Клиничкиот центар – Скопје. Коалицијата „Вреди“ го издвои како свој кандидат; Бакиу претходно (2017) бил кандидат на Беса за Сарај.

Амар Мециновиќ (Левица)

Пратеник и поранешен советник во Советот на Град Скопје; Левица го промовираше како свој кандидат на 22 август. Најавени приоритети: јавен превоз (нови модели и автобуси), јавна чистота, борба против загадувањето и носење нов Генерален урбанистички план (ГУП).

„Независни заедно“

Граѓанската иницијатива најави дека наскоро ќе го соопшти своето име за Скопје (веќе извадија кандидат за Центар), но до овој момент нема објавено конкретно име за градоначалник на градот.

Од досега објавеното, транспортот и ЈСП,се централна тема за Ѓорѓиевски и Мециновиќ, БРТ-системот, водоснабдување, култура и Луна паркот се повторно на маса за Шукова, а албанските коалиции фокусот го градат околу нова политичка понуда за метрополата, но без објавени детални програмски документи (ЕФ/ДУИ – Реџепи „Вреди“ – Бакиу).

Зачлени се на нашиот е-билтен