Неколку часа пред претседателот на САД Доналд Трамп јавно да соопшти дека американските сили во операција го привеле венецуелскиот лидер Николас Мадуро и го префрлиле надвор од земјата, на крипто-платформата за предвидувања Polymarket се случи нагло „будење“ на пазарот што со недели тапкаше во ниски проценти.
Договорите што предвидуваат дали Мадуро ќе биде „надвор од функција“ до 31 јануари одеднаш почнаа да се купуваат агресивно, а шансите за исходот „ДА“ скокнаа за минути, што денес ја отвора најнепријатната дилема: дали некој играл со инсајдерски информации додека остатокот од светот сè уште не знаел дека операцијата е веќе во тек.
Најгласниот пример е еден, наводно нов профил кој во петокот вложил околу 30.000 долари на исходот дека Мадуро ќе падне од власт до крајот на јануари, а по објавата за приведувањето извадил добивка од 436.759,61 долари, според податоци што ги пренесоа американските медиуми. Паралелно, истата сметка – според увид во податоците што ги анализираа новинари – не се ограничила само на „Мадуро надвор“, туку играла и на сценарија за американска интервенција: активирање воени овластувања, испраќање трупи и дури „инвазија“ во дефиниран рок. Токму оваа комбинација – серија тематски облози, концентрирана сума и тајминг непосредно пред операцијата – го храни сомнежот дека не се работи за „среќна претпоставка“, туку за претходно знаење.
Јужнокинескиот South China Morning Post објави дека анонимната сметка била отворена само осум дена претходно и дека пред операцијата вкупно имала вложено речиси 34.000 долари, со принос над 1.240% за главниот облог, додека помалите облози поврзани со американска акција носеле стотици проценти поврат. Гардијан, пак, нотира дека помеѓу 2 и 3 јануари веројатноста за „Мадуро повеќе не е на власт“ скокнала од околу 5,5% на речиси 99% – класичен сигнал што во финансискиот свет обично значи дека некој знае нешто што останатите допрва ќе го дознаат.
Футуризм го постави прашањето најдиректно: дали постои „убедлив“ образец што упатува на профитирање од инсајдерска дојава поврзана со администрацијата – или, алтернативно, со медиумски кругови што имале рана информација. Во прилог на второто оди и објавата на Semafor дека The New York Times и The Washington Post дознале за тајната рација непосредно пред да започне, но одлучиле да не објават неколку часа поради проценки дека би можеле да ги загрозат американските трупи. Истата објава наведува дека Трамп ја одобрил операцијата околу 22:46 часот (ET) во петокот, што ја стеснува временската рамка во која информацијата можела да „протече“ до луѓе што знаат да ја монетизираат.
Проблемот е што платформите како Polymarket се токму просторот каде што ваквите сомнежи тешко се „заковаат“ со доказ. Профилите се анонимни, исплатите се во криптовалути, а регулаторниот режим е сив – доволно за да се создаде чувство дека војната, дипломатијата и тајните операции стануваат уште еден финансиски инструмент. Затоа, случајот веќе почна да произведува и политички реакции во Вашингтон: Axios јави дека конгресменот Ричи Торес подготвува предлог-закон кој треба да го криминализира инсајдерското тргување на „пазари за предвидување“, со фокус на државни функционери и лица со пристап до нејавни информации. Ако иницијативата добие поддршка, ќе биде првиот обид да се затвори празнината меѓу класичните пазари, каде инсајдерството е забрането, и новите платформи што живеат од брзината на политичката информација.
Во меѓувреме, прашањата остануваат посилни од одговорите: кој точно ја отворил сметката, од каде му/ѝ дошла сигурноста дека токму тие денови сценариото ќе се реализира и дали парите што се заработени се само симптом на еден поширок тренд – претворање на геополитиката во игра на квоти, каде што победуваат тие што знаат порано, а губат тие што веруваат дека јавноста дознава прва.