Koja e Алта Банка – од југословенски корени до контроверзна трансформација

Алта Банка ќе биде финансиско прибежиште

Алта Банка (Alta banka a.d. Белград) своите почетоци ги има во 1979 година, кога е основана под името ЈУБМЕС Банка како специјализирана југословенска банка за меѓународни финансиски трансакции. Во нејзината историја се забележани и познати имиња – на пример, во 80-тите години директор бил Иван Стамболиќ, а подоцна претседател на Управниот одбор бил Зоран Лилиќ, поранешен претседател на СР Југославија. Децении функционирала како помала деловна банка со специфична улога, сè до промените по распадот на Југославија. Во текот на транзицијата, државата Србија задржуваше удел во банката. Но, во 2018 година Владата на Србија решава да го продаде својот сопственички дел од 28,5% во ЈУБМЕС Банка. До март 2019 година, пазарната вредност на банката изнесувала околу 25,7 милиони евра, што укажува дека станува збор за релативно мал финансиски субјект во споредба со најголемите банки во земјата.

Приватизација и промена на името

Во 2019 година, компанијата Алта Пеј Груп (Alta Pay Group) ја откупува државната акција од 28,51% за 5 милиони евра, со што станува најголем поединечен акционер во банката. Зад овој инвеститор стои српскиот бизнисмен Давор Мацура, кој преку Алта Пеј Груп практично ја превзема контролата. Следната година, во март 2020, ЈУБМЕС Банка официјално го менува името во Алта Банка, одразувајќи ја новата сопственичка структура и стратегија. Промената беше кулминација на приватизацијата – транзицијата од институција со државен удел кон целосно приватна банка. Превземањето не помина тивко: според сведоштва на поранешни вработени, новото раководство спровело „брутални“ отпуштања во периодот кога банката преминала во рацете на Мацура, сигнализирајќи агресивен резонструктивен пристап кон работењето.

Новиот сопственик, Давор Мацура, до тогаш не беше широко познат банкар. Неговиот бекграунд е неконвенционален: започнал како сопственик на менувачница во 2008 година, потоа раководел здружение на менувачи, отворил фирма за трговија со злато “Алта Голд”, и основал низа мали компании поврзани со готовински токови и трговија. Вистински во фокус на јавноста доаѓа во 2021 година, кога компанија поврзана со него без значајна историја (ABL Solvent) успева да го купи огромниот индустриски комплекс ИМТ во Нов Белград за околу 70 милиони евра – зделка финансирана со кредит од АИК Банка на Миодраг Костиќ. Овој потег навестува дека Мацура има блиски врски со дел од српските деловни елити. На местото на стариот завод ИМТ, Мацура планира луксузен станбен комплекс „Green Line“, при што државата му излегува во пресрет – му доделува право на користење на 33 хектари градежно земјиште практично бесплатно, земјиште чија вредност повеќекратно ја надминува цената платена за фабричкиот комплекс. Овие факти уште тогаш навестуваа привилегиран третман од властите кон компаниите на Мацура.

Контроверзии и скандали

Алта Банка во годините по приватизацијата се најде во центарот на неколку контроверзни ситуации. Најпрво, тука е прашањето како една мала банка (според показатели 12-та по големина во Србија со околу 1,8% пазарен удел) одеднаш добива несразмерно големи и значајни зделки. Во 2023 година, српската државна електродистрибуција ЕПС неочекувано одлучи плаќањата на сметки за струја во Белград да се насочуваат преку сметка во Алта Банка, наместо преку вообичаените државни канали (како поштенската штедилница или трезорот). Овој потег предизвика шок во банкарскиот сектор – многумина се прашуваа по кој критериум една релативно мала и непозната банка е одбрана за толку значајна услуга. Немања Ненадиќ од Транспарентност Србија посочи дека главниот проблем е недостигот на транспарентност: јавноста не добила одговор зошто токму Алта е избрана, дали имало јавен повик и какви биле понудите на другите банки. ЕПС се обиде да ги демантира критиките уверувајќи дека граѓаните нема да плаќаат дополнителни провизии и дека „сѐ е политички напад“. Но, останува фактот дека не е објавено кои услови ги добила ЕПС, а според пресметки базирани на тарифникот на банката, Алта би можела да заработува провизија од околу 0,5% од секоја сметка или минимум 50 динари по уплатa.

За град како Белград со околу 870.000 домаќинства, тоа значи прилив од милиони евра месечно преку сметките на Алта Банка. Впрочем, проценките се дека само од договорот со ЕПС, банката во наредната година може да оствари нето-добивка еднаква на целата нејзина добивка во 2024 година.

Критичарите велат дека овој договор носи обележја на класична клиентелистичка зделка: државна компанија ѝ дава ексклузивна работа на приватна банка блиска до центрите на моќ, притоа заобиколувајќи ги вообичаените транспарентни процедури. Поранешниот гувернер на Народната банка на Србија, Дејан Шошкиќ, коментира за „Време“ дека ваквите нетранспарентни аранжмани претставуваат привилегиран третман кој ја нарушува конкуренцијата и наликува на доделување зделки по политичка линија. Тој посочува дека досега јавните институции секогаш работеле преку државната трезорска сметка, а не преку мала приватна банка – што ја доведува Алта во неприродно повластена позиција. Резултатите од тие договори се веќе видливи: откако Алта Банка посредува во плаќања за ЕПС (и слични договори со Паркинг-сервисот и Авто-мото сојузот), растот на банката експлодира. Во 2023 година нејзината актива и обем на работа пораснале 22 пати повеќе од претходната година, а бројот на трансакциски сметки скокнал за огромни 174% во 2023, плус дополнителни 103% во 2024.

Овие бројки јасно укажуваат колку профитабилни биле државните зделки за Алта – фактички банката преку ноќ израснала од маргинален играч во профитабилна институција, благодарение на, како што многумина веруваат, политички посредувани договори.

Дополнително, опозициските политичари изнесоа тешки обвинувања за самата Алта Банка и нејзиниот сопственик. На пример, потпретседателката на Партијата за слобода и правда Мариника Тепиќ јавно ја нарече Алта Банка „паричник на браќата Вучиќ“, алудирајќи дека Давор Мацура е само параван зад кој семејството на претседателот Александар Вучиќ ги врши своите финансиски операции.

Во т.н. „Народен обвинителен акт“ што опозицијата го објави против братот на претседателот, Андреј Вучиќ, Мацура и Алта Банка се спомнати како дел од мрежата привилегирани бизнисмени кои добиле сомнителни државни бизниси и учествувале во финансиски шеми со власта.

Овие наводи, иако политички, се потпираат и на истражувања на новинарски мрежи. Имено, организациите како БИРН и КРИК открија дека фирми на Мацура соработувале во градежни проекти со Никола Петровиќ (кум и близок соработник на Вучиќ) и со контроверзните бизнисмени од северно Косово Звонко Веселиновиќ и Милан Радоичиќ.

Преку компанијата Даница Парк, Мацура во 2017-2018 бил сосопственик на земјиште во елитниот кварт Дедиње, кое подоцна преминало во сопственост на Петровиќ, а истата фирма била инвеститор на луксузни вили изградени на парцели во сопственост на сопругата на Веселиновиќ и самиот Радоичиќ.

Овие врски со фигури под санкции на САД и озлогласени во медиумите дополнително ја засилуваат сомничавоста околу потеклото на капиталот и политичките покровители на Алта Банка.

Меѓународни истраги и регулаторни мерки

Брзиот подем на Алта Банка не помина незабележано ни од меѓународните финансиски регулатори. Во 2023-2024, сопственикот Алта Пеј Груп се обиде да се прошири во ЕУ преку купување на удел во австриската Addiko Bank – регионална банка со операции во повеќе земји од поранешна Југославија. Овој потег наиде на црвен аларм во Европската централна банка (ЕЦБ), која има надзорна улога над Addiko (бидејќи Addiko е со седиште во Виена и подлежи на европски надзор). ЕЦБ утврдила дека Alta Pay (Мацура) заедно со партнерската фирма Diplomat Pay тивко купиле речиси 19,62% од акциите на Addiko, пречекорувајќи го прагот за значителен удел без претходно одобрение.

Тоа значи дека не го известиле навреме австрискиот регулатор (FMA) за намерите – сериозно прекршување на европските банкарски правила. Како резултат, во август 2024 ЕЦБ ги суспендираше правата на глас на Alta Pay и Diplomat Pay на нивните акции (9,63% и 9,99% од акциите, соодветно) и назначи привремен доверител за тие акции. Овој чин фактички ја блокираше аквизицијата на Addiko од страна на Мацура. Дополнително, ЕЦБ покрена темелна проверка на Alta Pay/Alta Bank бидејќи изрази сомнежи во врска со усогласеноста со анти-перачките стандарди. Според наводи објавени во Financial Times, официјални лица на ЕЦБ посочиле дека Alta Pay нема убедливи механизми да ја гарантира легалноста на потеклото на депозитите што ги поседува.

Со други зборови, европските надзорници се посомневаа дека во Алта Банка можеби се слеваат средства со нејасно или сомнително потекло, што претставува ризик за перење пари.

Австриските власти презедоа и конкретни казнени мерки. Во септември 2024, Alta Pay Group беше казнета со 150.000 евра парична глоба поради тоа што не го пријавила навремено стекнувањето на големиот пакет акции во Addiko.

Оваа казна, изречена според австриските банкарски прописи, го потврдува прекршувањето на процедурите од страна на луѓето на Мацура. Соочени со регулаторен ѕид, Мацура во текот на 2024 се повлече од понатамошна трка за преземање на Addiko – ја откажа својата апликација за зголемување на уделот над 10%.

Addiko Банка во меѓувреме стана мета на други преземања, а ЕЦБ јасно стави до знаење дека прво Alta Pay мора суштински да ги поправи своите пракси за да добие било каква шанса за одобрение во иднина.

Од своја страна, Алта Пеј Груп ги демантираше обвинувањата и тврдеше дека не е запознаена со никаква формална истрага од ЕЦБ, инсистирајќи дека компанијата ги почитува сите регулативи. Во изјава за медиумите, претставници на Мацура нагласија дека доставиле до австриската централна банка и ЕЦБ целосна документација за финансиската состојба на банката, потеклото на средствата и внатрешните контроли, и оти „банката ги исполнува сите услови за работа во ЕУ“.

Сепак, ваквите уверувања малку помогнаа – угледот на Алта Банка остана под сенка на сомневање во очите на европските институции. Епилогот беше дека Alta Pay мораше да се повлече, а контролата врз Addiko ја презедоа други инвеститори (словенечката НЛБ и фондот Agri Europe). Овој случај покажа дека репутацијата на Алта Банка во странство е сериозно нарушена, поврзувајќи се со потенцијални практики на перење пари и нетранспарентно финансирање.

Покрај ова, Алта Банка во изминатиот период шири активности и во регионот. Во 2023 година банката стана членка на Белградската берза, а веќе во 2024-2025 започна експанзија надвор од Србија.

Алта купи значаен пакет акции во Стопанска Банка Битола – една од најстарите банки во Северна Македонија. До октомври 2025, Алта Банка успеа да преземе контролен пакет од 93,26% од акциите на Стопанска Битола, чии сопственички и менаџерски корени одат кон Орце Камчев и Наташа Савова по спроведена понуда за преземање одобрена од македонските власти.

Овој чекор го означи првото влегување на Алта Групацијата на македонскиот пазар, што официјално се претставува како дел од стратегијата за регионален раст и развој на „модерни и достапни финансиски услуги“. Сепак, и ова преземање беше проследено со коментари во медиумите на соседните земји, каде што се истакна блискоста на новиот сопственик со српската власт и се доведе во прашање дали зад ширењето на Алта во регионот стојат и политички мотиви.

Регулаторниот надзор во Србија досега нема јавно преземено санкции против Алта Банка. Народната банка на Србија формално ја одобрила промената на сопствеништвото и именувањата во Управниот одбор – што исто така беше тема на критика. Имено, за член на Одборот на Алта е именуван проф. Александар Живковиќ, кој во академската кариера бил дел од комисијата за докторската дисертација на гувернерката Јоргованка Табаковиќ (дисертација подоцна оспорена за плагијат).

Фактот дека истиот професор потоа добива одобрување од Табаковиќ да влезе во раководството на приватна банка се коментира како можен судир на интереси и трговија со влијание, но официјално сѐ е согласно законите (гувернерот има дискреционо право да одобри членови на управи на банки). Домашниот регулаторен контекст, според експертите, е таков што „додека моралот ни е во пад, сѐ е можно“ – сугерирајќи дека во Србија институциите не секогаш дејствуваат непристрасно.

Во вакви околности, имиџот на Алта Банка во јавноста е изграден од две спротивставени приказни. Едната е официјалната – банка која успешно расте, воведува иновации и се шири регионално, доказ дека српски приватен капитал може да создаде модерен финансиски субјект. Другата е критичката – банка која е производ на политички клиентелизам, со сопственик остварен во сенка на власта, чиј раст е обезбеден не толку преку пазарна конкурентност колку преку пристрастни државни зделки и можни нелегални токови на пари. Вистината веројатно лежи некаде помеѓу. Она што е извесно, Алта Банка стана симбол на новата бранша “тајкуни” во Србија – луѓе кои од скромен бизнис (менувачница) со политички ветар во грб прераснуваат во сопственици на банки, градежни проекти и регионални инвестиции. Останува да се види дали ова наследство ќе ја стигне банката на долг рок. Европските институции веќе ставија до знаење дека ќе внимаваат. Домашната јавност, исто така, сè повеќе прашува: дали успехот на Алта Банка е приказна за умешно водење бизнис или приказна за опасна спрега на политика и финансии?

Зачлени се на нашиот е-билтен