Којa е Марија Корина Мачадо – добитничката на Нобеловата награда за мир 2025

Марија Корина Мачадо, 57-годишна инженерка и едно од најпознатите лица на венецуелската опозиција, е добитничка на Нобеловата награда за мир за 2025 година. Таа повеќе од две децении е симбол на борбата против режимот на Николас Мадуро и гласен застапник за демократија во земја погодена од корупција, инфлација и политичка репресија.

Мачадо е лидерка на либералниот политички движење Vente Venezuela и поранешна пратеничка во Националното собрание. На почетокот на 2000-тите ја основала организацијата Súmate, која се бореше за фер избори и транспарентност, поради што често беше мета на властите. Во 2024 година, кога најави кандидатура за претседателските избори, Врховниот суд под контрола на режимот ѝ забрани политичко делување на 15 години, со што беше спречена да се кандидира.

Во образложението за наградата, Нобеловиот комитет истакнува дека Мачадо го „одржува пламенот на демократијата жив среде растечката темнина“. Таа ја добива наградата за своите постојани напори да ја унапреди демократијата во Венецуела и да ги брани човековите права, и покрај постојаните притисоци и закани.

Марија Корина Мачадо е родена во Каракас, во 1967 година. Дипломирала индустриски инженеринг на Католичкиот универзитет „Андрес Бело“, а подоцна магистрирала финансии на Институтот за напредни студии по менаџмент. Пред да влезе во политиката, работела на хуманитарни проекти и ја основала фондацијата Atenea, која се грижи за деца од улица во Каракас.

Во 2010 година беше избрана во Националното собрание, каде што стана една од најгласните критичарки на Мадуро. По нејзиното незаконско исклучување од функцијата во 2014 година, продолжи да ја води опозиционата партија Vente Venezuela и да го обединува демократското движење преку платформата Soy Venezuela.

Иако ѝ беше забрането учество на изборите во 2024 година, таа ја поддржа опозициската кандидатура на Едмундо Гонзалес Урутиа и остана клучна фигура во борбата за политички промени во земјата.

Покрај Нобеловата награда, Мачадо е добитничка и на наградата „Сахаров“ за човекови права и на наградата „Вацлав Хавел“, а магазинот Time ја вброи меѓу 100-те највлијателни луѓе во светот.

Мачадо отворено се противи на социјализмот, се залага за приватизација на државните компании, вклучително и нафтениот гигант PDVSA, и ги поддржува меѓународните санкции против режимот на Мадуро. Денес таа е призната како симбол на граѓанскиот отпор и храброста – жена која ја брани демократијата дури и тогаш кога тоа изгледа невозможно.

Зачлени се на нашиот е-билтен