Која е Мери Дика Георгиевска што Судскиот совет ја предлага за Уставен суд?

Мери Дика Георгиевска вчера беше избрана од Судскиот совет како предлог за нова уставна судијка, откако на седницата доби мнозинска поддршка и беше испратена во собраниска процедура за пополнување на испразнетото место во Уставниот суд. Во постапката таа беше избрана пред Елизабета Дуковска, чија кандидатура повторно се отвори, но дел од членовите на Советот оценија дека не го исполнува условот за непрекинат 20-годишен судиски стаж.

Според биографските податоци објавени на официјалната страница на Апелациониот суд Скопје, Георгиевска дипломирала на Правниот факултет во 1985 година, а до 1996 работела како адвокат. Потоа била избрана за судијка во Основниот суд Скопје II, каде работела до 2005 година, кога преминала во Апелациониот суд Скопје. Во нејзината професионална биографија се наведува и дека работи во граѓанската област, а во јавните извештаи за вчерашната седница беше истакнато и нејзиното искуство како магистер по правни науки, предавач и поранешна членка на Судскиот совет.

Во последните години Мери Дика Георгиевска е на чело на Апелациониот суд Скопје. Најпрво во февруари 2023 беше поставена за вршител на должност претседателка, а подоцна беше избрана и за претседателка на судот. Токму оваа позиција, заедно со долгото судиско и адвокатско искуство, беше еден од клучните аргументи со кои дел од членовите на Судскиот совет ја образложија поддршката за неа како кандидатка за Уставниот суд.

Нејзиното име и претходно се појавуваше во јавноста, меѓу другото и во контекст на случајот „Рекет“, каде што сведочеше, а дел од медиумите потсетија и на нејзините семејни и кумски врски што тогаш беа предмет на јавен интерес. Но вчерашната одлука на Судскиот совет ја врати во фокусот пред сè како една од најискусните судијки од скопска Апелација, која сега е најблиску до влез во Уставниот суд, ако добие поддршка и во Собранието.

Зачлени се на нашиот е-билтен