Која е мистериозната Винчанската култура што исчезна без траг

Винчанската култура останува една од најголемите археолошки загатки на Европа: развиена праисториска заедница со густо организирани населби, занаетчиство, трговија, рана металургија и култура на живеење што не се вклопува во поедноставената претстава за неолитскиот човек. Речиси еден век по првите големи истражувања, научниците сè уште не можат целосно да одговорат на две прашања – каде се погребувале Винчанците и зошто нивната култура исчезнала од историската сцена.

Оваа култура се развивала на широк простор на Балканот и југоисточна Европа, со централно место околу локалитетот Винча – Бело Брдо, на десниот брег на Дунав, недалеку од Белград. Археолошките остатоци се поврзуваат со периодот од доцниот неолит, приближно меѓу 5300 и 4500 година пред новата ера, време во кое населбите станале поголеми, поорганизирани и економски поврзани на големи растојанија.

Винча не била изолирана населба, туку дел од широка мрежа на движење на луѓе, суровини, предмети и идеи. Дунав, Сава, Тиса, Морава и другите речни коридори ја поврзувале со централна Европа, Егејот, Карпатите и поширокиот балкански простор. Затоа археолозите често ја опишуваат како еден од најважните комуникациски јазли на неолитска Европа.

Она што ја прави Винча посебна не е само бројот на предмети, туку начинот на живот што тие го откриваат. Куќите биле правоаголни, градени од дрво, глина, плева и песок, со познавање на основи на изолација. Населбите биле густи, понекогаш со куќи поставени многу блиску една до друга, што укажува на постоење правила на заедничко живеење и на развиена култура на простор.

Во тие населби се произведувала керамика, се изработувале фигурини, накит, алатки од камен и коска, а трговските врски носеле материјали од големи далечини. На локалитетите поврзани со Винча се среќаваат обсидијан, школки од Егејот и други ретки материјали, што покажува дека праисториските заедници не биле затворени светови, туку дел од сложени мрежи на размена.

Еден од најзначајните научни елементи е раната металургија. Истражувањата од локалитетот Беловоде, кој се поврзува со винчанскиот културен круг, донесоа едни од најраните директни докази за топење бакар во Евроазија. Тоа ја става оваа култура во самиот центар на прашањето кога и како човекот почнал да го претвора каменот и рудата во метал, процес што подоцна ќе ја промени целата човечка историја.

Но, токму кај толку развиена култура најмногу збунува отсуството на гробишта. Археолозите пронашле населби, куќи, предмети, печки, траги од пожари и секојдневен живот, но многу малку човечки останки во споредба со бројот на населби и времетраењето на културата. Во научната литература се посочува дека погребувањата во винчанскиот круг се ретки и не ја даваат очекуваната слика за толку долготрајна и населена културна зона.

Тоа не значи дека Винчанците „исчезнале“ во буквална смисла. Поверојатно е дека нивниот свет постепено се трансформирал, се раселувал или се претопувал во други културни обрасци. Археолозите разгледуваат повеќе можни објаснувања: притисок од нови сточарски групи, исцрпување на ресурсите, промени во животната средина, болести поврзани со поблискиот контакт меѓу луѓето и животните, демографски пад или внатрешен социјален замор на заедниците.

Една од најинтересните хипотези е дека Винча не пропаднала поради еден драматичен настан, туку затоа што моделот на живот што ја создал повеќе не можел да се одржува. Населбите биле големи, ресурсите ограничени, а социјалниот ред можеби зависел од правила што со текот на времето станале тешки за повторување. На рабовите на нејзиниот простор, во подоцнежните култури, се гледаат поинакви модели на општествена организација, со поголема материјална разлика и појава на моќ концентрирана кај поединци.

Винча затоа е важна не само како археолошка мистерија, туку и како приказна за Европа пред државите, пред писмената администрација и пред класичните цивилизации. Таа покажува дека сложеноста не почнува со палатите и војските, туку многу порано – во куќите, печките, алатките, рутите на трговија и правилата на заедничко живеење.

Најголемата тајна останува отворена. Луѓето што ја создале оваа култура оставиле зад себе предмети, населби и знаење, но многу малку траги од сопствената смрт. Токму затоа Винча и денес не е само локалитет, туку прашање што ја принудува археологијата повторно да размисли како изгледала најраната европска сложеност.

Најчитано