„Јас лично верувам дека и голем број од пратениците сносат голема одговорност за процесот околу уставните измени. Ние поблиску од ова, за влез во Европска Унија никогаш не сме биле претходно и сите останати држави поминале низ трнлив пат додека да влезат во Унијата. Меѓутоа, тие фондови и средства коишто ги имаат на располагање, социјална правда, владеење на правото, усогласувањето на законодавството и развиени држави како што се поголем дел од членовите на ЕУ се тоа што сакаме да го постигнеме ние“, истакна пратеничката од редовите на СДСМ Даниела Колева во интервју на „Топ тема“ на Телма телевизија.
Таа додаде дека наместо да ни бегаат младите во ЕУ, треба Европската Унија да се донесе овде и посочи дека не го разбира скептицизмот и сомневањето на опозицијата за да не гласа на уставните измени, заради тоа што сметаат дека на наредните избори ќе победат.
„Ако тие сметаат дека нешто треба да се сопре, нека го сопрат во тој момент, ако сметаат дека ќе победат. Зошто предвреме да се откажуваме кога веќе сме на самиот праг, кога никогаш не сме имале поголема поддршка, ниту од Европска Комисија, ниту од сите земји-членки. Сите ни кажуваат сега е моментот, ама ние заради тоа што се сомневаме за тоа што ќе се случи подоцна не сакаме да прифатиме“, потенцираше Колева.
Таа апелираше до опозицијата да се вразуми од причина што доколку сметаат дека понатаму би добиле на изборите, имаат прилика да ги прекинат преговорите. Но да не ја ставаат државата во залог поради неконзистентен и променлив став.