„Актуелниот претседател Стево Пендаровски покажа дека е кандидат кој е претседател на сите граѓани во државата. Докажа дека е близок и комуницира со граѓаните. Посетува занаетчии, граѓански институции, покажа дека секојдневно е во контакт со луѓето, и дека е произлезен од народот. Личноста на претседателот, колку тој е авторитетен меѓу граѓаните дава додадена вредност покрај тоа што е поддржан од одредена структура“, изјави пратеничката од редовите на СДСМ Даниела Колева во „Студио 10“ на 24 Телевизија.
Таа додаде дека Пендаровски изминатите години се покажа дека е личност со кредибилитет, авторитет, личност која е отворена.
Пратеничката рече дека СДСМ е партија која има огромен број на коалициони партнери, традиционални и нови и дека тоа е нешто што опозиционата ВМРО-ДПМНЕ го нема затоа што функционираат во затворен круг без пријатели.
„ВМРО-ДПМНЕ 10 години имаше власт не реализираше попис. Има еден куп закони и мерки кои во нашата програма во 2020 година и можам дека кажам дека тие се реализирани. На пример, Недела неработен ден, МојДДВ, стечајни работници, социјална пензија, пензионирање на поголема возраст, 82 детски градинки, образовни асистенти за кои беше блокиран законот, субвенциониран студентски оброк“, посочи Колева.
Сите реформи што ги започнал СДСМ наишле на препреки и блокади од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако зборуваме за образование, пред три години се воведе концепција којашто веднаш со нејзиното воведување и почеток на спроведување наиде на еуфорија која почна да се прави со блокади од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа беше нова реформа која вклучуваше реконструкција на кабинети во секое основно училиште, нови учебници. Учениците имаат учебници, се случи мало задоцнување на учебници на ученици кои учат по новата концепција заради технички причини во којшто министерството за образование и наука имаше објавено конкурси“, изјави Колева.
Таа додаде дека тезите дека нема учебници се само само дезинформации кои им штетат на граѓаните.
„За реформите е потребен континуитет“, заклучи Колева.