Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Колку млади ќе останат во земјата до следниот попис? Тема на најновиот број на „Лице в лице“

Дали Македонија станува земја на празни клупи и напуштени домови? Колку млади ќе останат во земјата до следниот попис?

Ова се прашањата што ги отвора најновото 56. издание на „Лице в лице“, кое го става фокусот на најгорливите проблеми со кои се соочува младата генерација. Соочени со економска несигурност, недостаток на можности и систем што не им дава глас, младите сѐ повеќе ја гледаат својата иднина надвор од границите на земјата.

Новиот број на „Лице в лице“ третира клучни прашања поврзани со иселувањето на младите, нивното учество во општествените процеси, предизвиците со кои се соочуваат и можностите што им се нудат. Преку искуствата на младите луѓе, експертски анализи и општествени согледувања, изданието нуди нов агол на разбирање на најголемите проблеми со кои се соочува оваа генерација.

Според истражувањата на Фондацијата за демократија Вестминистер, 62 отсто од младите во Македонија би ја напуштиле земјата доколку им се укаже можност. Дополнително, 73 отсто никогаш не биле вклучени или консултирани во носењето одлуки кои директно ги засегаат.

„Не бегаме затоа што сакаме, туку затоа што не ни оставате избор“, вели едно младо лице во страниците на новиот број. Оваа порака јасно го отсликува чувството на разочараност и апатија кое е сѐ поприсутно кај младите. Нивната несигурност не произлегува од недостаток на амбиција, туку од недостигот на можности, неповолните економски услови и системските пречки кои ги туркаат надвор од границите на земјата.

– Секој млад човек што заминува е директен пораз за државата. Секој талент што го губиме е инвестиција што ја подаруваме на некоја друга земја. А најстрашното е што ги губиме токму тие што ѝ се најпотребни на оваа земја – младите, кои сè уште веруваат дека нештата можат да бидат подобри. Балканот полека се празни од млади луѓе. Ако продолжиме да ги игнорираме нивните гласови, утре навистина ќе биде предоцна. Сите ние ја храниме демографската катастрофа што ја голта нашата иднина, вели главната  уредничка на „Лице в лице“, Климентина Илијевски, во Воведникот на изданието. Покрај главната тема, бројот дава фокус и на прашања поврзани со медиумска писменост, претприемачки иницијативи, здравствени теми, тука се и приказните за млади иноватори кои успеале во своите стартапи, за активисти кои се борат за правата на младите, но и за дигиталната зависност, тешкотиите на младите лица со менталното здравје, како и влијанието на социјалните мрежи врз нивниот начин на размислување и комуникација.

Зачлени се на нашиот е-билтен