Колку треба да поскапи лебот за да се преземат мерки? Мицкоски вели ако нема основ, ќе следат казни

Колку треба да поскапи лебот за да се преземат мерки, е прашањето откако од денес во дел од пекарниците во Штип, Кочани, Прилеп и Битола цената на одредени видови бел леб од 450 грама порасна за 3 до 5 денари, а премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата допрва ќе анализира дали поскапувањето има основ и, ако нема, ќе следат глоби. Во превод, државата повторно реагира откако цената веќе се поместила, а не пред ударот да стигне до граѓаните.

Пекарската индустрија, преку Групацијата при Стопанската комора, тврди дека трошоците им пораснале за над 10 проценти и дека секоја пекара индивидуално одлучува за цените. Како главни причини се посочуваат набавката, печењето и дистрибуцијата, односно токму трите столба што најбрзо ги погодува енергетскиот шок. Тие аргументи не се целосно без поткрепа: Државниот завод за статистика објави дека продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар во февруари 2026 пораснале за 4,5 проценти на годишно ниво, при што енергијата скокнала за 10,4 проценти, а нетрајните производи за широка потрошувачка за 4,6 проценти.

Ако веќе со денови е јасно дека ценовниот притисок се прелева од горивата кон храната, тогаш неубедливо звучи пораката дека институциите сега ќе го „видат инпутот“ и дури потоа ќе одлучуваат дали има потреба од мерки. Тоа не е превенција, туку доцнење. Уште повеќе што официјалната статистика веќе покажа инфлација од 2,9 проценти на годишно ниво во февруари, а трошоците на животот во групата храна и безалкохолни пијалаци тогаш повторно се зголемија на месечно ниво.

Мицкоски денес тврдеше и дека Македонија е единствена земја во регионот што оваа недела не ги покачила, туку ги намалила цените на бензините за 2,5 денари, додека дизелот не поскапел. Но ако горивата се стабилизираат, а лебот сепак поскапува, тогаш прашањето веќе не е само дали пекарите имаат основ, туку и дали државата има стратегија што ќе делува пред основната храна да стане уште еден тест за трпението на граѓаните. Казните, ако дојдат дури по поскапувањето, нема да го вратат назад моментот во кој стандардот веќе бил погоден.

Зачлени се на нашиот е-билтен