Комисијата за избори и именувања ќе бара решение за избор на претседател на ДКСК поради најавеното распишување на изборите

Собранието се очекува денеска во рамки на 64. пленарна седница да ја констатира оставката на претседателката на ДКСК Татјана Димитровска, поднесена во петокот на 25 јули, откако Обвинителството за гонење организиран криминал и поднесе обвинение за две кривични дела и тоа за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име и го положил тестот за сертификат за државна тајна. Димитровска во оставката се повикува на чл. 14 став 1 алинеја 1 од Законот за спречување на корупција без друго образложение.

По констатирањето на оставката од Собранието во рок од десет дена треба да се состане Комисијата за прашања на изборите и именувања и да донесе одлука за распишување на јавен оглас за избор на претседател и нов член на Антикорупциската комисија. Претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Ѓорѓија Сајкоски за МИА вели дека седницата на ова собраниско тело ќе биде свикана веднаш по констатирањето на оставката, најверојатно во среда или во четврток и дека тогаш, меѓудругото, ќе биде донесена одлука за распишување јавен оглас.

Имајќи го предвид најавеното распишување на локалните избори за 8 август, Сајкоски потенцира дека од една страна треба да се почитуваат сите законски одредби, но од друга страна ДКСК треба да има претседател бидејќи ќе има локални избори и оти затоа ќе бидат консултирани сите потребни чинители. Како што кажа, ќе биде побарано мислење од самата Државна комисија за спречување на корупцијата, но и од Уставниот суд. Од овие мислења, додава Сајкоски, ќе видиме како ќе ја движиме постапката.

На членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувања им е најавено дека за да се заврши се поскоро ќе бидат повикувани и за време на планираниот одмор за пратениците од 1 до 15 август.

Зачлени се на нашиот е-билтен