Унгарија се противи на приклучувањето на Украина кон Европската унија и најавува вето, но Будимпешта не е против проширувањето на ЕУ во целост. Премиерот Виктор Орбан јавно ги поддржува земјите од Западен Балкан, како и Молдавија и Грузија, во нивните евроинтеграциски процеси.
Иако унгарската влада признава дека Русија е одговорна за целосната инвазија врз Украина, Орбан постојано повикува на итен прекин на огнот и почеток на мировни преговори.
Унгарија обезбедува хуманитарна помош и електрична енергија за Украина, но се спротивставува на секоја форма на воена или финансиска поддршка за Киев.
Таквиот став, велат европските аналитичари, ја става Унгарија во специфична позиција – како земја која од една страна ја критикува ЕУ за односот кон Украина, а од друга активно го поддржува приближувањето на земјите од Западен Балкан кон Унијата.
Унгарија е под лупа на дел од своите европски партнери поради тоа што продолжува да одржува политички и трговски врски со Русија преку набавки на енергенси.
Зошто Унгарија толку жестоко се противи на членството на Украина во ЕУ?
Унгарија е најгласниот противник на украинското членство во Европската Унија, тврдејќи дека влезот на Украина би бил негативен за Европа, а особено за самата Унгарија.
Во ова прашање, Будимпешта е во малцинство меѓу европските лидери кои во 2023 година ги отворија преговорите со Украина – на гласањето на кое Виктор Орбан беше забележливо отсутен.
Унгарската влада годинава спроведе таканаречена „национална консултација“ – домашна, необврзувачка анкета за членството на Украина во ЕУ, во која, според Будимпешта, 95% од испитаниците се изјасниле против украинското членство.
„Не сакам Унгарија да биде дел од сојуз во кој новоприменета членка е постојано во опасност од војна и може да нè вовлече во неа. Ако Украинците станат членки на Унијата, оваа војна ќе стане и наша војна. А ние тоа не го сакаме,“ изјави Орбан на состанокот на Европскиот совет минатата недела во Брисел.
Отворени гранични и финансиски прашања
Унгарија дополнително тврди дека источните граници на Украина не се трајно утврдени и дека не се против евентуални територијални отстапки, иако претседателот Володимир Зеленски повеќепати нагласи дека нема да отстапи територија на Русија во замена за прекин на огнот, бидејќи тоа би било спротивно на украинскиот устав.
Будимпешта смета и дека украинското членство би било финансиски товар за Европа, бидејќи голем дел од заедничкиот буџет на Унијата би морал да се пренасочи кон обновата на земјата. Украина, како членка, би добила пристап до кохезионите и земјоделските фондови – програми од кои и самата Унгарија моментално има корист. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека проширувањето неизбежно ќе доведе до ревизија на заедничкиот буџет.
Како алтернатива, Орбан предложи стратешко партнерство со Украина – статус што Киев веќе го има од 2017 година, кога беше потпишан Договорот за асоцијација меѓу Украина и ЕУ.
А што е со Западен Балкан?
Паралелно со тоа, Унгарија целосно го поддржува проширувањето на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан, меѓу кои се Србија, Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.
Унгарскиот министер за европски прашања, Јанош Бока, во октомври изјави дека местото на овие земји е „јасно во Европската Унија“.
„Земјите од Западен Балкан ги исполнуваат најголемиот дел од условите за членство веќе со години, но не напредуваат со темпото што го заслужуваат,“ рече Бока.
Според Будимпешта, проширувањето би ја зголемило стабилноста на регионот.
„Јасно е дека ако нема стабилност на Западен Балкан, ако има немири и конфликти го определуваат секојдневието, тогаш постојано ќе има несигурност која ќе зрачи од регионот,“ изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во јули минатата година.
Унгарија има силни бизнис интереси во регионот, особено во секторите за енергетика и банкарство, и одржува блиски односи со соседна Србија, со која соработува во трговијата, миграцијата, енергетиката и одбраната.
Поддршка за Молдавија и Грузија
Унгарија ја поддржува евроинтеграцијата на Молдавија без никакви услови.
„Унгарија ја поддржуваше молдавската кандидатура за членство досега, и ќе продолжи да го прави тоа; тука нема компромис или дебата,“ изјави Орбан порано годинава, додавајќи дека Молдавија обезбедува „потребна работна сила за Европската Унија“.
Унгарија ја поддржува и Грузија, иако процесот на пристапување е забавен поради тензии меѓу Европската Унија и владејачката партија „Грузиски сон“. Европскиот парламент усвои резолуција со која изрази загриженост за резултатите од парламентарните избори во Грузија и побара повторување на гласањето. По изборите, Орбан отпатува во Тбилиси за да ја изрази својата поддршка за грузиската влада.
Ќе биде ли потребна едногласност за завршување на процесот?
Унгарската влада се противи на идејата да се укине правилото за едногласност во процесот на проширување, инсистирајќи дека мора да го задржи правото на вето. Но, Орбан во минатото покажал дека е подготвен да попушти кога постојат економски мотиви.
На клучниот самит на ЕУ во декември 2023 година, Орбан ја напушти просторијата во која лидерите на Унијата одржуваа затворена седница, што им овозможи да ја донесат одлуката за отворање преговори со Украина – без негово вето.
Неколку дена претходно, Европската комисија ослободи 10,2 милијарди евра замрзнати средства за Унгарија, повикувајќи се на „одреден напредок“ во судските реформи. ЕУ тогаш негираше дека двете одлуки се поврзани.
Два месеца подоцна, на самитот во февруари 2024 година, Орбан го повлече ветото за финансискиот пакет „Ukraine Facility“, со што ЕУ одобри 50 милијарди евра поддршка за Киев.
Доколку Орбан ја изгуби власта следната година, кога во април ќе се одржат парламентарни избори во земјата, можно е политиката на Унгарија кон украинското членство во ЕУ драстично да се промени под раководство на опозициска влада.
Извор: Euronews
