Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кому му одговара „војната“ на Владата против телеком операторите во земјата?

Владата отвори војна против двата телекоми во земјата и таа војна ја предводат двајцата највисоки функционери надлежни за оваа дејност – премиерот Мицкоски и министерот за транспорт и врски Александар Николоски.

Во континуитетот на намерата за конфронтација со телекомите, секое ново обраќање на оваа тема станува сѐ поостро и поостро.

Последното дојде од министерот за транспорт и врски кој тврди дека мобилните оператори ги „газат“ и ги „цицаат“ граѓаните со високи цени.

Тој отиде уште подалеку и вели дека кога влегле во оваа операција биле свесни дека ќе има голем напад од двата оператора затоа што не им одговара да се разбие пазарот и да се воведе конкуренција.

„Спремни сме за тој напад, ама да им кажам дека сме барем неколку чекори пред нив затоа што сме многу подобро од нив информирани и сме свесни дека тие никогаш нема јавно да излезат да го нападнат ова, туку преку одредени медиуми во коишто имаат сериозно спонзорство и издвојуваат дел од својот буџет преку реклами, ќе отвораат измислени теми од тип на стратешки позиционирања“, истакна Николоски и додаде: „Ние тоа го знаеме и сме секогаш чекор пред нив“.

Рацин.мк, во врска со овие напади на Николоски и Мицкоски, кој претходно рече дека „треба да се стави крај на дуполот телекоми“ и дека „единствен начин е да се промовира трет мобилен оператор“, побара ставови од телеком операторите Македонски телеком и А1.

Од Македонски телеком го добивме следниот одговор:

„Телекомуникацискиот пазар е регулиран со Закон за електронски комуникации, според кој одлуката за влез на оператори на пазарот зависи од деловниот интерес на инвеститорите и дозволите кои ги издава регулаторот. Ваквите одлуки не зависат од нас“.

Од Македонски телеком уште напишаа дека компанијата во Северна Македонија „работи согласно важечката законска регулатива и во изминатиот период инвестираше повеќе од 1 милијарда евра за да овозможи најдобри услуги за корисниците преку најдобрата фиксна и мобилна мрежа во Македонија“. 

Од А1 досега нема одговор на нашите прашања што беа испратени на мејл на 13 август, веднаш после изјавата на премиерот Мицкоски кога уште рече дека го започнуваат овој процес „за да го заштитиме граѓанинот од овој дуопол којшто во моментот, настрана што е целосно партизиран и опструиран во раководството од страна на некои минати влади коишто во минатите седум години жестоко влијаеа во кадровската политика кај овој дуопол“.

Двата телекоми, освен ставот на Македонски телеком од погоре, досега не излегоа во јавност за да одговорат и на прашањата дали се согласуваат со делот од изјавата во која премиерот вели дека „овој дупол е целосно партизиран и опструиран во раководството од страна на некои минати влади коишто во минатите седум години жестоко влијаеа во кадровската политика кај овој дуопол“ и дали и на кој начин „овие компании била партизирани и опструирани од некои минати влади“.

Комуниколозите кои ги консултираше Рацин.мк велат дека кога станува збор за вакви стратешки комуникациски прашања, кои вклучуваат владини институции или високи владини функционери, разбирливо е компаниите да бидат внимателни, ако се има фактот дека регулацијата на телеком пазарот е високо институционално поставена.

Но, во делот на изјавите на Мицкоски каде што тој говори за „партизирани и опструирани компании од некои минати влади“, како да се крие мотивацијата и заложбата на Владата на ВМРО-ДПМНЕ за влез на трет оператор, кој овој пат би бил од Унгарија и пријателски настроен кон актуелната власт.

Токму затоа оваа тема стана особено актуелна откако стана јасно дека Мицкоски и Николоски се длабоко навлезени во преговори за влез на унгарската компанија 4иГ на македонскиот пазар, која, како што пишуваа унгарските медиуми, е омилена компанија на премиерот Виктор Орбан.

Интересен е одговорот на министерот Николоски на прашањето зошто унгарска компанија за која се знае дека е блиска до претседателот Виктор Орбан, кој одговори со прашање „Па зошто да не?“.

Јавноста во Северна Македонија покажа должно внимание за компанијата 4иГ откако стана јасно дека таа е во стратешко партнерство со кинески Хуавеј, што е сосема спротивно на стратешките интереси на Северна Македонија и се коси со домашното законодавство според кое земјата ќе набавува современа 5Г технологија исклучиво од доверливи добавувачи меѓу кои не спаѓаат кинеските гиганти и особено Хуавеј.

Северна Македонија уште пред 3 години во Законот за електронски комуникации утвврди дека телекомункациските оператори ќе набавуваат опрема исклучиво од проверени и кредибилни добавувачи.      

Ова прашање е уредено и со законски акти на Агенцијата за електронски комуникации согласно кои Северна Македонија потпиша меморандум за соработка со Владата на САД (во претседателскиот мандат на Доналд Трамп) кој предвидува пристап на „чисти“ и доверливи производители на 5Г-мрежи.

Затоа на најавата дека Владата преговара со телеком компанија која е во стратешко партнерство со кинески Хуавеј реагираа и од амбасадата на САД.

„Веруваме дека владата ќе продолжи да го штити интегритетот на мрежата, да избегнува недоверливи добавувачи на хардвер и софтвер и да обезбедува сигурен и етички 5Г-екосистем во Северна Македонија“, порачаа од Амбасадата на САД во Скопје во изјава за порталот 360 Степени.

Секако е тешко да се прифати дека во Владата на Мицкоски не го знаат сето ова, но, еве и покрај реакциите на јавноста, со овие изјави потврдуваат дека продолжуваат да отвораат простор за влез на унгарски 4иГ на македонскиот пазар.

З.Б.

Најново