Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Концерт на Александра Коцевска и Глигор Гелебешев на „Златна лира“

Вечерва (вторник, 24 октомври) во Музејот на македонската борба со почеток од 20 часот, концерт ќе одржат Александра Коцевска – мецосопран, и Глигор Гелебешев – пијано. Концертот е дел од годинешната програма на Фестивалот на музичките уметници „Златна лира“.

Пијанистот Глигор Гелебешев и мецосопранот Александра Коцевска својата професионална соработка ја започнуваат во 2015 година и оттогаш се редовно присутни на концертните подиуми во државата, остварувајќи впечатливи музички креации кои остануваат долго присутни во меморијата на публиката и критиката. Оваа вечер на фестивалот „Златна лира“ ќе изведат оперски арии од Жорж Бизе, Џузепе Верди, Жил Масне, Волфганг Амадеус Моцарт, Камиј Сен – Санс и Саверио Маркаданте.

Александра Коцевска дипломира на ФМУ во Скопје, во класата на проф. Благоја Николовски. За време на своите студии учествува на бројни натпревари по соло пеење во Македонија и странство, каде е наградувана со високи награди. По дипломирањето започнува да работи во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип, каде е една од основачите на класата по соло пеење. Во 2002 година ги завршува магистерските студиите во класата на проф. Билјана Јовановска – Јакимовска. Од 2006 година својата педагошка кариера ја продолжува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.

Доказ за нејзината успешна педагошка работа се бројните награди што нејзините ученици ги освојуваат на домашните и меѓународните натпревари, а честопати е поканувана како член во жири-комисии на меѓународни натпревари. Во 2011 година Коцевска ја добива наградата за повеќегодишна успешна работа во областа на уметничката педагогија која ја доделува „Здружението на музички и балетски педагози“. Од 2015 година особено се интензивира нејзината концертна активност. Во соработка со пијанистот Глигор Гелебешев, дуото настапува на концерти и манифестации низ целата земја. Од 2017 година таа настапува и со Триото Колегиум.

Глигор Гелебешев студира на Академијата за уметности во Нови Сад во класата на професор Јокут Михаиловиќ, а магистрира на ФМУ во Скопје. За време на своето школување е добитник на бројни награди на домашни и меѓународни натпревари и е учесник на голем број концерти и мастеркласи на еминентни професори и пијанисти од странство (Евгениј Тимакин, Икуко Ендо, Арбо Валдма, Владимир Крпан, Јокут Михаиловиќ и други). По магистрирањето ја започнува својата пијанистичка кариера како солист и камерен музичар, соработувајќи со голем број истакнати музички уметници.

Во 2001 година со својата сопруга, пијанистката Катерина Гелебешева Костадиновска го формираат пијано дуото Гелебешеви кое остварува бројни настапи во земјата и странство, меѓу кои се вбројува и настап со Македонската филхармонија. Дуото во својата биографија запишува и две ЦД-а, а реализира голем број трајни снимки за МРТ. Глигор Гелебешев настапил на најзначајните фестивали на домашната сцена: „Охридско лето“, „Интерфест“, „Денови на македонска музика“, „Златна лира“, а реализирал и настапи во Франција, Италија, Холандија, САД, Романија, Турција, Словенија, Хрватска, Полска, Бугарија, Србија, БиХ. Како педагог во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, тој бележи голем број успеси со своите ученици на домашни и меѓународни натпревари. Поради својата успешна педагошка работа, Гелебешев е честопати покануван да биде дел од жирија на натпревари по пијано во Македонија и надвор од нејзините граници.

Влезот на концертот е слободен.

Најново