Вечерва, четврток, 9-ти април, во рамките на посветено курираниот музички серијал „Јавна Проба“,ќе настапи реномираниот џез состав Такси Конзилиум.
„Јавна Проба“ е резултат на потребата за поширока презентација и промоција на квалитетна домашна авторска музика во полето на поп, рок и џез музичка сцена од различна генерација на веќе докажани музичари и таленти во подем, кои издаваат и соработуваат со дискографската куќа ПМГ Рекордингс. „Јавна Проба“ е резултат на соработката помеѓу ПМГ Рекордингс и културниот простор „Паблик Рум“, која на скопската публика ќе и понуда серија на концерти кои ќе се случуваат секој четврток.
Такси Конзилиум (Taxi Consilium) е водечки состав на новиот бран на македонската џез сцена. Свежа и вибрантна, ослободена од рамките на самонаметнати канони и силно прогресивно настроена, оваа сцена бележи врвни историски резултати. Од доцните четириесетти, откога постои македонскиот џез, до денес не сме имале вака слободоумна, авантуристичка и потентна генерација. Такси Конзилиум се наоѓаат на самата острица на овој нов џез бран, а нивната продуктивност е адекватна на високиот квалитет кој го носат, а е препознаен и кај нас и во светот.
Филип Букршлиев (композитор, гитарист) е добитник на наградата “Најдобар млад џез музичар“ за 2021ва, доделена од Скопскиот Џез Фестивал. Истата таа награда, една година порано ја доби и фантастичната Андреа Мирческа, препознатлива по својот контрабас. Списокот со имиња на бендот го довршуваат не помалку бравурозните Благојче Томевски на бас кларинет и веќе добро познатиот на нашата публика Драган Теодосиев на тапани. Нивниот студиски албум „The Essential Sunday Gloom“ (24 издание за ПМГ Џез), е прогласен за еден од најдобрите џез албуми во светот на музичката платформа bandcamp во 2021 година.
Такси Конзилиум е од оние бендови кои се совршени да ги проследите во живо. Совршен баланс од свирачка бравурозност, мелодиска убавина и импровизаторски излет. Располагаат со смисол за хумор, топол грув и создаваат атмосфера за паметење. Добри мемории се токму главната состојка која го чини животот квалитетен.
Интимно, но совршено за интеракција.