На фестивалскиот репертоар на 63-тото „Охридско лето“ вечерва се концертот на Франк Дупре Триото од Германија и изложбата на фотографии од Александар Томовски.
Од 21 часот, во црквата „Света Софија“, триото составено од Франк Дупре на пијано, Јакоб Круп на контрабас и Оби Јене на тапани, ќе изведе дела од Николај Капустин, Морис Равел и Леонард Бернштајн.
Полни со љубопитност и виртуозност, со леснотија и изразена емпатија, тројцата меѓународно познати уметници од триото на Франк Дупре лесно успеваат да ги надминат наводните жанровски граници. Франк Дупре е музичар со бескраен хоризонт, градител на мост помеѓу класичната музика и џезот, и затоа е еден од најперспективните исклучителни уметници на својата генерација.
Во 19 часот и 30 минути во предворјето на црквата „Света Софија“ ќе биде отворена изложба на фотографии со наслов „Над кулисите“ на Александар Томовски. Изложбата е наменски направена за Охридско лето, се состои од 12 фотографии инспирирани од балетската игра, кои ќе бидат изложени само вечерта.
Фотографиите на Томовски ги доближуваат гледачите до балетот и балерините, и преку нив се презентира оперската и балетската дејност што се создава во рамките на Националната опера и балет. Преку фотографиите од „Над кулисите“ од несекојдневна „птичја“ гледна точка се пренесува сцената и уметниците на неа.
Томовски е роден 1985 година во Скопје.Тој е софтверски инженер, но и фотограф и филмаџија. „Над кулисите“ (Above the curtains) претставува колекција фотографии која во континуитетот го следи авторот и неговите фасцинации од сцената на Националната опера и балет, доближувајќи нѐ до балетот и балерините доловени од птичја перспектива.
Во 2022 година ја отвори својата прва самостојна изложба насловена: „Над кулисите“, во Младински културен центар – Скопје, а во мај годинава во фоајето на Националната опера и балет се претстави со изложбата „1001 приказна“ во рамки на фестивалот „Мајски оперски вечери“.