Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, оцени дека постои веројатност тековниот изборен циклус да биде поскап од претходните, но нагласи дека институциите имаат обврска да го обезбедат правото на учество за сите актери во процесот. „Ќе видиме откако ќе помине рокот за поднесување на листи, 13-ти септември, колку ќе бидат пријавени, колку ќе ги исполнат условите, колку ќе бидат потврдени. Ние со одлука го уредуваме изгледот и формата и содржината на гласачкото ливче, ќе прилагодиме онака како што мораме со цел да го обезбедиме правото на сите. Дали ќе го поскапи процесот, можно е и да го поскапи, но ние мораме да го спроведеме процесот,“ изјави Кондарко во интервју за Радио Слободна Европа.
Тој укажа дека ДИК располага со овластувања да носи соодветни одлуки и упатства за непречено одвивање на изборните дејствија, особено во контекст на можната „инфлација“ на кандидатски листи. Според Кондарко, Комисијата ја приспособила постапката за поднесување кандидатури за независни кандидати и групи избирачи во согласност со законските одредби, без да излезе надвор од рамката на Законот за избори. „Единствен услов не се само најмалку два потписи за поднесување на листа… ДИК согласно член 31 став 2.2 има обврска да донесе правилник за регулирање на постапката за поднесување на кандидатски листи, односно потписи за независните кандидати, за група избирачи. ДИК тоа го направи. ДИК со тоа упатство не излезе надвор од законот, туку ја прилагоди на конкретната ситуација,“ појасни тој.
Кондарко потсети дека дилемите околу потписите не се појавиле со распишувањето на изборите, туку биле познати уште во мај, по одлуката на Уставниот суд. Во тие околности, вели, ДИК не може да го ускрати правото на учество на групите избирачи и мора да овозможи процесот да тече. „Со оглед на постоењето на правото во член 60 и постоењето на постапката за собирање потписи, односно рокот за собирање потписи предвиден во член 63… ДИК постапи онака како што постапи. Тоа прашање е затворено,“ нагласи претседателот на Комисијата, додавајќи дека покрај потписите, учесниците ќе треба да исполнат и други законски услови и правилно да ја спроведат административно-техничката процедура.
Паралелно со оперативните предизвици, Кондарко се заложи за целосно нов Изборен законик, со прецизни правила и појасни процедури. Најави дека е потребно преиспитување не само на работата на изборните органи, туку и на финансирањето на партиите, правилата за кампања и улогата на медиумите. „Најголема потешкотија ни создава законот… кој повеќе од 30 пати е изменет и дополнуван, но и понатаму има многу нејаснотии и непрецизности што отвораат правни прашања и предизвици,“ рече Кондарко, предлагајќи модел во кој финансирањето би било уредено со посебен, издвоен закон.
До истекот на рокот за поднесување листи на 13 септември, ДИК ќе продолжи со прилагодување на техничките аспекти – изгледот и формата на гласачкото ливче, распоредот на кандидатите и логистиката на гласањето – со цел, како што подвлече Кондарко, „да се обезбеди правото на сите учесници и непречено спроведување на процесот“, дури и ако тоа значи поголеми трошоци во овој изборен циклус.