Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска на Конференција за напредокот при спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет истакна дека најавеното распуштање на СС, како и Советот на јавни обвинители е дикретно мешање во независноста на судската власт и нагласи дека доколку тоа се случи ќе предизвика сериозна загриженост кај Европската унија.
– Напорите за засилување на владеењето на правото не треба да бидат направени на начин кој би ги нарушил принципите на поделба на властите. На пример, распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, ќе значи мешање во независноста на судската власт и ќе биде прашање за сериозна загриженост. Исто и за идејата за раздвојување на Академијата за судии и обвинители, институција која сметаме дека треба да служи како гарант за меритократија и непристрасност во судството, рече Гир.
Евроамбасадорот во своето обраќање истакна дека потребно е да се продолжи со брзи внатрешни реформи, како и да се потиснат обидите за мешање од страна на политичките структури.
– Јасно е што треба да се прави, да се продолжи со брзи внатрешни реформи треба. Ова значи, како што реков, целосна имплементација на препораките од Оценската мисија, Патоказот за владеење на правото и Стратегијата за правосудниот сектор. Ова значи надградба на некои од позитивните колективни чекори на кои бевме сведоци во последните шест месеци и значи потиснување на обидите за мешање од политички или деловни интереси, рече Гир.
На Конференцијата, која е во организација на Судскиот совет се обратија и американската амбасадорка Анџела Агелер и холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп.
Американската амбасадорка Агелер, пак, во своето обраќање ја истакна важноста на Судскиот совет во трансформирањето на правосудството во земјава. Таа нагласи дека Советот е важно оружје кое што е потребно за вистинско трансформирање на правосудството во Северна Македонија, во една институција која што им служи на своите граѓани, која што ги штити невините и ги казнува оние кои што сметаат дека се над законот.
– Ќе се согласите дека останува многу пред вас. Извештајот од Оценската ммисија на ЕУ е еден вреден патоказ за реструктурирање на Судскиот совет и повторно поставување на неговата улога во рамките на правосудството. Судскиот совет е едно важно оружје во арсеналот оружје што ќе биде потребен за вистинско трансформирање на правосудството на Северна Македонија, во една институција која што им служи на своите граѓани, која што ги штити невините и ги казнува оние кои што сметаат дека се над законот. Затоа што денес, како што амбасадорот Коп живописно го опиша, довербата на јавноста во правосудството е шокантно ниска, истакна Агелер.
Судскиот совет, вели Агелер, треба да го следи законот и даде отпор на политичките притисоци, затоа што, вели Северна Македонија има добро изработени закони, како и искусни обвинители и судии.
– Северна Македонија има добро изработени закони, добро опремени институции и искусни обвинители и судии, а повеќето од нив и патувале и имале размени со САД. Па се поставува прашањето како да почнеме да го надополнуваме оној јаз или недостиг на доверба на оние на кои треба да им служиме. Пораката јасна и не се менува. Работете ја работата која што треба да ја работите. Следете го законот, работете за луѓето, дајте отпор на политичките притисоци, заштитете го својот интегритет и прифатете ја транспорентноста. Напорната работа веќе започна и гледаме напредок. Сега дозволете ни да ви помогнаме да стигнете уште понапред на својот пат, рече Агелер.
Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, истакна дека иако е забележана зголемена видливост на дејствијата на Советот, односно пренос во живо на седниците и гласањето, неопходно е да се врати довербата на народот во судскиот систем.
– Неопходно е да се врати довербата на народот во судскиот систем, како што е случај во мојата земја, каде 80 отсто од луѓето му веруваат на судскиот систем, меѓутоа тука тоа е само 8 отсто. Ова е загрижувачки низок процент и тоа треба да се подобри и тоа брзо. Напредокот на Судскиот совет заслужува пофалба како што е докажано со практиката на Советот пред една година, каде што видовме како незаконски беше договорен претседателот, како и други загрижувачки активности како што беа сомнителното рангирање, гласање за кандидати за судии и претседатели на судови, рече Коп.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, во изјава за медиумите рече дека Советот веќе има отпочнато со реформскиот процес во насока на имплементација на препораките од Оценската мисија на ЕУ и е решен да успее во процесите кои што се во негова надлежност. Таа нагласи дека советот веќе и самиот има отпочнато да се реформира, посочувајќи дека од минатиот месец тој брои двајца нови членови, додека до крајот на годината Советот ќе има уште тројца нови членови.
– Судскиот совет веќе отпочна сериозно со реформскиот процес во насока на имплементација на препораките на Извештајот на Оценската мисија на Европската унија и решени сме цврсто да успееме во оние процеси коишто се во наша надлежност да ги имплементираме час поскоро. Судскиот совет персонално отпочна да се реформира, бидејќи од минатиот месец Судскиот совет има двајца нови членови, во септември има промена на уште еден член и до крајот на годината уште два члена, што значи до крајот на годината речиси помалку од половина ќе биде променет составот на Судскиот совет, рече Дамева.