Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ 2023 на Издавачката куќа Антолог од Скопје е воспоставена за да се направи вреднување на преведувачката продукција во Македонија, како и да се истакне вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор.
За наградата може да се учествува со книги објавени во периодот меѓу 1 јули 2022 година и 30 јуни 2023 година.
Објавените книги мора да бидат преведени од оригинален јазик, а може да се конкурира со дела преведени од „живи“ и од класични јазици (арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик).
Наградата се доделува за превод на дела од сите книжевни видови: проза, поезија и драма. Право на номинација за наградата имаат издавачки куќи, здруженија на граѓани и преведувачи.
Секоја издавачка куќа или здружение на граѓани имаат право да номинираат најмногу пет книги, а секој преведувач има право да номинира најмногу две книги.
Еден преведувач не може да биде номиниран со повеќе од еден превод. Конкурсот е отворен до 30 јуни 2023 година.
Номинираните книги може да бидат објавени во хартиена форма или како електронски изданија и мора да имаат ЦИП-запис од Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје.
Книгите објавени во хартиена форма треба да се достават во три примероци на адресата на издавачката куќа „Антолог“ (улица „Ѓорѓи Пулевски“ број 29, локал 1), а електронските изданија во електронска форма на имејлот: bookstar@antolog.mk.
Доставените преводи ќе ги оценува тричлена комисија составена од преведувачи, писатели или книжевни критичари. Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.