Реактивирање на штрајкот во М-НАВ најавија од Синдикатот на контролори на летање доколку не се усвојат нивните барања за поништување на последниот оглас за вработување на советници и кадри со завршено средно образование, како и барањата за реализација на сите неисполнети точки од минатогодишната Спогодба која беше основа за ставање во мирување на тогашниот штрајк.
Претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски за телевизија 24 вели дека состојбата во М-НАВЕ е влошена и единствениот начин за утврдување на реалните потреби за вработувања во М-НАВ е само преку спроведување на независна студија која ќе покаже каков кадар недостасува
Александар Тасевски, претседател на Синдикат на контролори на летање
Состојбата во М-НАВ е влошена, како резултат на сериозно нарушени меѓучовечки односи, блокирани процеси за јавни набавки, неуспешна транзиција на нови технички системи, прекршување на одредби од колективниот договор, тајни и неосновани измени во систематизацијата и отворање несуштински работни позиции. Треба да се вработат лица кои се реално потребни и ќе знаат што ќе работат. Овие советници и кадри не ни требаат и не може да ги задоволат нашите потреби.
Премиерот Христијан Мицкоски пак, за најавите на Синдикатот за реактивирање на штрајкот во М-НАВ вели дека вработените кои се закануваат со штрајк се истите кои направиле упад во институцијата.
„Не мислам дека тоа е причината, се закануваат тие што правеа упад и кои што тепаа, е сега немаат внимание и не се толку силни да тепаат па тоа е причината“, рече Мицкоски.
Претходно, поранешната претседателка на Антокорупциска Билјана Ивановска за телевизија 24 рече дека огласот за вработување во М-НАВ е вртење во круг и задоволување на туѓи интереси. Проблемот, со критериумите за вработување, пресметките на додатоците за прекувремена работа и начинот на прераспределба на вработените во М-НАВ, според неа, е забележан уште во 2018 година од страна на Држаевн завод за ревизија.
За Владата пак, во новиот оглас на М-НАВ нема ништо спорно. Велат дека сите конкурси и постапки за вработување транспарентни и подложеле на внатрешни и надворешни контроли.