Контроверзната хуманитарна фондација за Газа –ГХФ (GHF), поддржана од САД и Израел, конечно ја завршува својата мисија во Појасот Газа, шест недели по почетокот на прекинот на огнот, јави ДПА.
По дистрибуцијата на повеќе од 187 милиони оброци на жителите на крајбрежниот појас, фондацијата ја прекинува својата работа, објави таа денеска.
„Успеавме во нашата мисија да покажеме дека постои подобар начин за доставување помош на жителите на Газа“, изјави извршниот директор на ГХФ, Џон Акри.
Според соопштението, фондацијата веќе неколку недели е во преговори со меѓународни организации и со Цивилно-воениот координативен центар (CMCC) предводен од САД во јужен Израел, кој е одговорен за следење на прекинот на огнот меѓу Израел и палестинската милитантна организација Хамас.
ГХФ ја започна својата мисија во блокираната крајбрежна енклава во мај по речиси тримесечна израелска блокада на испораката на помош, потсети германската агенција.
Во тоа време, Израел го обвини Хамас за кражба на хуманитарна помош. ГХФ беше наменет како средство за заобиколување на ова, како и алтернатива на другите групи за помош кон кои Израел е критичен.
ГХФ во својата изјава наведува дека ниту еден камион за помош што ѝ припаѓал на фондацијата не бил ограбен во текот на целата операција од четири и пол месеци.
Меѓутоа, додаваат оттаму, имаше постојани извештаи за фатални инциденти во близина на дистрибутивните точки управувани од фондацијата, пренесе ДПА.

