Фреската на ангел, реставрирана со лицето на италијанската премиерка Џорџа Мелони, е отстранета од ѕидот на црква во центарот на Рим и тоа по наредба на парохискиот свештеник откако имаше големи негодувања од политичарите и свештенството.
Еден од двата ангела во римската базилика „Свети Лаврентиј“, во близина на седиштето на владата, е изменет за да изгледа речиси идентично со 49-годишната десничарска лидерка на земјата, првата жена премиерка на Италија.

Фреската, во саботата ја забележа весникот „Ла Република“, за потоа да предизвика гнев кај опозициските политичари, како и огорченост кај кардиналот Балдо Реина, генерален викар на Римската епархија. Кога црквата беше отворена денеска, (среда), лицето што личеше на Џорџа Мелони беше избришано, а ангелот беше оставен без глава.
„Секогаш кажував, дека ако (сликата на Мелони) предизвика поделба, ќе ја отстраниме“, изјави пасторот Даниеле Микелети за италијанската новинска агенција АНСА.
„Цела поворка луѓе дојдоа да ја гледаат наместо да слушаат миса или да се молат. Тоа не беше прифатливо.“
Аматерскиот сликар кој ја реставрирал фреската, Бруно Валентинети, рече дека Ватикан го замолил да ја избрише, објави весникот „Ла Република“. Портпаролот на Ватикан одби да коментира, а Римската епархија изјави дека подоцна ќе објави соопштение.
Во саботата, кардиналот Реина изрази „огорченост“ од инцидентот, нареди истрага и предупреди дека „сцените од светата уметност и христијанската традиција не смеат да се злоупотребуваат или експлоатираат“.
Италијанското Министерство за култура, исто така, објави истрага, а Мелони го исмеа инцидентот. Таа објави фотографија од спорната фреска на социјалната платформа Инстаграм со текстот: „Не, дефинитивно не изгледам како ангел“ и додаде насмеано лице.
Реставрираната фреска првично е создадена во 2000 година и не припаѓа на заштитеното наследство. Валентинети е оригиналниот автор на фреската, а од него било побарано да ја реставрира поради оштетување од вода, изјави пасторот Микелети во саботата.