Со гласови на конзервативното мнозинство, Врховниот суд на САД денеска донесе далекусежна одлука за укинување на 40 години стар преседан познат како „Шеврон“, што веројатно ќе ја отежне работата на федералните агенции во регулирање на области како што се заштитата на животната средина, јавната здравствена заштита и безбедноста на работа.
Шест конзервативни судии ја поддржаа, а тројца либерални судии ја одбија одлуката според која престанува да важи пресудата на истиот суд од 1984 година, која предвидуваше дека во случаи на нејаснотии во федералните прописи, пониските судови треба да се водат според правилата на федералните агенции.
Според новата одлука, која нема да важи ретроактивно, тие нејаснотии ќе ги решава судот.
Преседанот „Шеврон“ беше донесен за време на администрацијата на конзервативниот, републикански претседател Роналд Реган, и беше основа за судска поддршка на илјадници прописи донесени од десетици федерални агенции.
Меѓутоа, истиот преседан, донесен за време на Реган, стана мета на конзервативни и бизнис групи кои се жалат дека тој дава премногу моќ на федералната извршна власт, односно на нешто што дел од критичарите го нарекуваат „административна држава“.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, кој доаѓа од Демократската партија, ја критикуваше идејата за укинување на преседанот „Шеврон“, тврдејќи дека тоа ќе биде дестабилизирачки и ќе предизвика „конвулзивен шок“ во правниот систем на САД.
Главниот судија на Врховниот суд Џон Робертс наведе во образложението на пресудата дека федералните судии „мора да покажат независност во мислењето при одлучување дали некоја агенција постапува во рамките на своите овластувања“, но и дека одлуката донесена денеска не ги доведува во прашање претходните одлуки базирани на доктрината „Шеврон“.
На основа на таа доктрина, која ја поддржуваа и најистакнатите судии на Врховниот суд, како покојниот Антонин Скалија, судовите беа должни во случаи на нејаснотии во федералните прописи да ги земаат предвид разумните интерпретации на експертите од федералните агенции.
Доктрината потекнува од едногласната одлука на Врховниот суд на САД од 1984 година, да се одржи во сила одлуката на федералниот судија кој се повикал на прописите на Агенцијата за заштита на природната средина (ЕПА), тогаш под управување на конзервативната Реганова администрација. Преседанот „Шеврон“ беше основа на модерното административно право во САД цели 40 години.
Сегашниот состав на Врховниот суд, во кој од 2020 година доминираат конзервативни судии, е многу скептичен во поглед на овластувањата на федералните агенции.
Интересно е што токму мајката на еден од тие конзервативни судии, Нил Горсач – Ен Горсач – работела во ЕПА за време на Роналд Реган и токму таа ја напишала одлуката која Врховниот суд ја усвоил во 1984 година и ја претворил во преседан.
Укинувањето на тој преседан има големо значење, бидејќи во околности на партиски поделен Конгрес, претседателските администрации сѐ повеќе се свртуваа кон федералната регулатива за да спроведат промени во разни политики, а федералните регулативи во САД влијаат на секој аспект од секојдневниот живот, од исхрана до користење на автомобили и квалитет на воздухот.
Администрацијата на Бајден донесе цела низа нови регулативи во врска со заштитата на животната средина, ограничување на емисиите на стакленички гасови од индустриски извори и автомобили, донесе одлуки за простување на студентските кредити, прекувремена работа и достапно домување.
Тие одлуки би можеле да бидат правно оспорени ако судиите не ја земат предвид експертизата на федералните агенции кои ги донеле.
Минатата година, против „Шеврон“ се огласи Стопанската комора на САД, жалејќи се на премоќта на извршната власт над Конгресот и судовите.
Еколошките организации се плашат дека укинувањето на преседанот „Шеврон“ ќе отвори врата за слабеење на нивото на заштита на животната средина и дека тоа е уште еден пример како, според нив, крајната американска десница ја поткопува способноста на федералната влада да ги штити океаните, водите, јавните површини, чистиот воздух и јавното здравје.
Правниците сметаат дека по укинувањето на „Шеврон“ ќе дојде до промени во рамнотежата на моќта меѓу извршната, судската и законодавната власт во корист на судовите и дека федералните судии ќе имаат последен збор при оценка на значењето на некоја федерална норма.