Корупциски скандал ја тресе Словенија – премиерот Голоб под притисок да поднесе оставка!

Словенечката комисија за спречување корупција (KPK) во нацрт-извештај утврдила дека премиерот Роберт Голоб се нашол во околности кои може да претставуваат судир на интереси.

Според извештајот, Голоб го именувал својот партиски колега и бизнисмен Томаж Суботич во два управни одбора на јавни болници. Истрагата започнала откако медиумите објавиле дека Голоб и неговата партнерка летувале во куќата на Суботич во Хрватска, пренесува STA.

Адвокатот на премиерот, Стојан Здолшек, тврди дека Голоб не учествувал во изборот на кандидатите, дека постапката била јавна и дека исходот би бил ист и без неговиот глас. Тој, исто така, ја оспорува законитоста на постапката на KPK, која, како што вели, била покрената врз основа на фотографии од приватна преписка.

Од Комисијата нагласуваат дека наодите не подразбираат автоматски санкции, туку дека понатамошната одговорност е на самиот функционер и на јавноста.

Премиерот Голоб најави дека ќе се огласи по разгледување на деталите од извештајот.

Словенечката опозиција го повика премиерот да поднесе оставка доколку се утврди прекршување на законот за интегритет, потсетувајќи на неговите претходни ветувања.

Во тек е и друга постапка против Голоб, поврзана со наводни притисоци врз поранешната министерка за полиција Татјана Бобнар и други вработени во министерството.

Зачлени се на нашиот е-билтен